
Малабо, 2 јули 2011 (МИА) - На самитот на Африканската унија (АУ) земјите членки одлучија дека нема да го спроведат налогот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) за апсење на либискиот лидер Моамер Гадафи.
АУ соопшти дека налогот кој минатата недела го издаде МКС „сериозно ги комплицира“ напорите за наоѓање мировно решение за судирот меѓу владините сили и бунтовниците.
- Членките на АУ нема да соработуваат во извршувањето на налогот за апсење, се наведува во одлуката од самитот, кој се одржа во Малабо, главниот град на Екваторијална Гвинеја.
Лидерите на земјите членки на АУ понудија да бидат домаќини на преговорите за прекин на огнот и демократската транзиција, но не се изјаснија за идната улога на Гадафи.
Мировниот план кој вчера го договорија африканските лидери исклучува присуство на Гадафи во разговорите со кои би се ставил крај на четиримесечните судири.