Вашингтон, 5 август 2011 (МИА) - Претседателот на Сирија Башар ал Асад ја води земјата и Блискиот Исток по опасен пат, предупреди синоќа Белата куќа.
- Асад е на пат да ја загуби властта, затоа треба да мислиме на времето откако тој ќе си замине, како што веќе прават 23-те милиони Сиријци, изјави портпаролот на Белата куќа Џеј Карни.
САД ги засилија своите критики упатени кон режимот во Дамаск поради бруталното справување со демонстрантите во неколку региони во земјата.
Државниот секретар на САД Хилари Клинтон синоќа изјави дека според Вашингтон режимот во Дамаск е одговорен за смртта на околу 2.000 цивили, убиени од силите за безбедност при задушувањто на протестите. Клинтон, истакна дека Башар ал Асад веќе ја има изгубено легитимноста како претседател на државата и дека САД и нивните сојузници развиваат стратегија за дополнителен притисок, надвор од вчера објавените дополнителни санкции.
Сепак, портпаролот на Стејт департментот изјави дека американскиот амбасадор во Дамаск, Роберт Форд, кој моментално се наоѓа во Вашингтон во текот на следните денови ќе се врати на функцијата. - Многу е важно амбасадорот да се врати во Сирија за да воспостави контакти со сириската опозиција и да продолжи да ја изнесува пред Владата во Дамаск нашата загриженост за настаните таму, истакна портпаролот.
Амбасадорот Форд пред еден месец ги разлути властите во Дамаск со посетата на градот Хама, кој се смета за главен центар на бунтот против режимот. Во интервју за телевизијата Еј-Би-Си Форд изјави дека нема намера да продолжи да патува низ Сирија.
Аналитичарите сметаат дека САД засега се воздржуваат да испратат отворен повик до Башар ал Асад, стравувајќи дека во Сирија може да дојде до религиозна или граѓанска војна и дека повлекувањето на претседателот ќе создаде сериозен вакум во власта. Истовремено САД не располагаат со многу средства за влијание врз политичката ситуација во Сирија.