Дебатата ги сврте анкетите во полза на Ромни

Вашингтон 6 октомври (МИА) - Неколку анкети, објавени вчера, покажуваат дека републиканскиот кандидат Мит Ромни го презема водството или е изедначен со претседателот Барак Обама, во решавачките сојузни држави Охајо, Флорида и Вирџинија, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Анкетите се првите истражувања на јавното мислење објавени по првата телевизиска дебата на Обама и Ромни, во која републиканскиот кандидат беше подобро подготвен.

Според анкетите на компаниите „Расмусен“ и „ВАА“ Обама води во Охајо со еден процент, додека Ромни го преземал водството во Вирџинија со два проценти и во Флорида со четири проценти.

Кампањата на Ромни вчера, со соопштение, анкети ги нарече потврда дека иницијативата е на нивна страна. Сепак, се очекува евентуалниот ефект од дебатата да биде познат дури по неколку дена, со спроведувањето на нови и поопширни анкети.

Од друга страна, претседателот Обама доби значителна помош со објавувањето на новите статистички податоци за стапката на невработеност, која за првпат откако тој е претседател се спушти под осум проценти, поточно од 8,1 на 7,8 проценти.

Обама вчера одржа митинг во Универзитетот Џорџ Мејсон, во близината на Вашингтон, и својот настап го почна со добрата вест.

- Одиме напред. Кога станав претседател, месечно губевме околу 800.000 работни места. Но, во изминатите две и пол години нашите компании отворија 5,2 милиони нови работни места. Утрово слушнавме дека стапката на невработеноста падна на најниското ниво откако сум претседател. Повеќе Американци влегуваат во редовите на работната сила и добиваат работни места, изјави претседателот.

Од Републиканската партија со скепса го примија намалувањето на стапката на невработеност и спуштањето точно под психолошката граница од осум проценти, на само еден месец до изборите. Следниот извештај за невработеноста ќе биде објавен на четврти ноември, два дена пред денот на гласањето.

Републиканците обвинуваат дека огромен број Американци еднаставно се откажале од барањето работа и се префрлаат на некоја од социјалните програми, поради што стапката на невработеност вештачки делува дека е помала.

- Причината што се намалува стапката на невработеност е што се повеќе и повеќе луѓе престануваат да бараат работа. Денес стапката на невработеност ќе беше околу 11 проценти, ако процентот на населението кое е работно активно останеше ист како што е на денот кога Обама беше избран за претседател, возврати Мит Ромни.

Поранешниот директор на компанијата „Џенерал електрик“, Џек Велч, беше најостар во обвинувањата дека новите бројки за невработеноста се лажни, велејќи дека се производ на политичката машинерија од Чикаго, каде е изборниот штаб на Обама.

Обама, на митингот во Универзитетот Џорџ Мејсон, ваквите коментари на Ромни и на институтите и медиумите блиски до Републиканската партија ги нарече намерно негирање на подобрувањето на економската слика, со цел да се добијат политички поени.

Обама, на митингот, се осврна и на своето прво соочување со Мит Ромни. Претседателот го обвини својот противкандидат дека на дебатата ги претставил своите политички ставови во многу поумерена форма отколку што реално ќе ги спроведува доколку биде избран за претседател.

- Ромни вели дека нашите проблеми ќе бидат решени ако потрошиме уште пет трилиони долари на намалување на даноците, во полза на најбогатите, и ако ги укинеме регулативите на Вол стрит, тогаш од небото ќе ни паднат нови работни места, нашиот дефицит волшебно ќе исчезне и ќе живееме среќно, засекогаш.

Ромни овој план го промовира со месеци, но има проблеми да објасни како тоа ќе функционира, освен ако ги натера семејствата од средната класа да ја платат цената за неговиот план, изјави Обама.

Претседателот не заборави да го обвини Ромни и за неговата изјава дека ќе го укине финансирањето на јавниот телевизиски сервис Пи-Би-Ес, познат меѓу другото по популарната детска емисија Улицата сезам, велејќи дека Ромни е попустлив кон улицата Вол стрит, каде се најголемите финансиски корпорации во Њујорк, но затоа се прави силен кон Улицата сезам.

Неочекувано лошиот настап на Обама на дебатата, кога претседателот долго време гледаше во земја и одговараше со паузи и двоумење, ги вознемири поддржувачите на Обама собрани на митингот.

- Се тресев додека го гледав. Викав кон телевизорот, кажи му нешто! Јас подобро ќе се снајдев со Ромни, рече Дејвид, постар активист на Демократската партија, кој дојде во Универзитетот Џорџ Мејсон да го гледа обраќањето на претседателот Обама.

- Според моето мислење, дебатата немаше никаков ефект. Нема веќе неопределени гласачи. Трката се води околу тоа кој подобро ќе успее да ги поттикне своите гласачи да излезат и да гласаат, а не за убедување на нови гласачи. Се разбира, ако некој кандидат направи огромна грешка во следните четири недели, тоа ќе влијае врз изборите. Но, тоа што некој бил уморен, или одморен, или со повеќе енергија, тоа нема да ја смени трката, додаде поддржувачот на Обама, Френк Блат.

Бројни теории за причината за слабиот настап на Обама се вртат во јавноста. Поранешниот потпретседател Ал Гор тоа го припиша на надморската височина на градот Денвер, во близината на Карпестите Планини, каде се одржа дебатата, велејќи дека Обама немал време да се прилагоди на воздухот.

Потоа тука е изјавата на колумнистот на Њујорк тајмс Чарлс Блоу дека Обама делувал како да е под дејство на седативи.

Весникот „Вашингтон егзаминер“ шпекулира со најавата дека се подготвува објавување на голем скандал за начинот на кој се финансира кампањата на Обама, со недозволени донации од странство, што влијаело Обама да биде загрижен и вознемирен пред дебатата.

Следната дебата е предвидена за 11 октомври, кога во градот Денвил ќе се соочат потпреседателските кандидати Џо Бајден од Демократската партија и Пол Рајан од страната на републиканците. Обама и Ромни ќе се сретнат во Њујорк, на поинаков вид на дебата, со прашања од публиката, која ќе се одржи на 16 октомври.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Седат Буш и Пауел во кафич и прават муабет. Влегува човек во кафичот, ги гледа двајцава и не му се верува дека се таму. И приоѓа на маса и ги прашува:
- Абе, вие Буш и Пауел...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1533.- Роден е холандскиот државник Вилхелм I...
1731.- Умре англискиот писател Даниел Дефо, кој...
1815.- Роден е англискиот писател Ентони Тролоп...
1854.- Врховниот суд на САД донесе пресуда дека...