
Каиро, 21 ноември 2012 (МИА) - Египетскиот министер за надворешни работи Мохамед Камел Амр објави дека е постигнат договор за примирје меѓу Израел и Хамас. Примирјето ќе стапи во сила вечерва од 19 часот по Гринич.
Изјавата беше дадена на прес-конференција во Каиро заедно со државниот секретар на САД Хилари Клинтон.
Засега не се познати детали од примирјето.
Во Ерусалим израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди за договорот, наведувајќи дека дал согласност по консултации со претседателот на САД Барак Обама.
Договорот значи крај на осумдневните борби во кои загинаа над 140 Палестинци и пет Израелци.
Според западни медиуми, примирјето означува дека Израел ќе ги запре сите воени активности против Хамас во Појасот Газа, додека палестински милитанти ќе престанат со гранатирање врз Израел.
По 24 часа примирје контролните пунктови меѓу Газа и Израел ќе бидат отворени.
Египет ќе гарантира за примирјето, наведе палестинскиот извор.