ВИДЕО: Масакар во Вашингтон

Тринаесет убиени во нападот врз седиштето на американската Воена морнарица

Вашингтон, 17 септември (МИА) - Крвавиот напад во Системската команда на американската воена морнарица во Вашингтон заврши со вкупно 13 убиени,  12 цивили вработени во командата и убиецот, кој по нападот беше идентификуван како Арон Алексис (34).

Алексис бил вработен во компанија која ги одржувала компјутерите на
американската армија, и со тоа имал пристап до Нејви Јард, големиот
комплекс на административни згради во кругот на старото
бродоградилиште во Вашингтон, во кое е главното седиште на воената
морнарица на САД. Во зградата каде што го извршил нападот, Алексис
почнал да пука од четвртиот кат, врз приземната кафетерија која била
преполна со луѓе кои дошле за појадок.

- Ќе продолжеше да пука додека има муниција, да не дојдеа полицајците,
изјави шефот на полицијата на Вашингтон Кети Ланиер.

Сведоците на нападот велат дека Алексис молчел за време на нападот, и
неколку пати го менувал и полнел оружјето. Вкупно 12 лица беа убиени,
а уште 15 лица се тешко ранети, задржани во болници низ Вашингтон.

Полицијата претпоставува дека нападот го започнал вооружен само со
едно парче оружје, двоцевна сачмарка, која ја купил неколку дена
претходно во близината на Вашингтон, во градот Лортон во државата
Вирџинија која има прилично отворени закони за поседување оружје.
Понатаму, деталите се уште не се целосно јасни, но се претпоставува
дека Алексис првин застрелал лица од обезбедувањето во Системската
команда, и продолжил да го користи нивното оружје. Така, покрај
сачмарката, во нападот, користел и пиштол и пушка АР-15. Оваа пушка
стана веќе озлогласена во САД, во неколкуте масовни напади во кои
убијци го користеа токму ова оружје, кое претставува полуавтоматска
копија на познатата воена автоматска пушка М-16. Масакрот во
училиштето во Њутаун минатата година, и во кино-салата во градот
Аурора во Колорадо беа извршени токму со оваа пушка.

Согласно правилата на американската армија, воените бази и секако
административните згради се прогласени за зони во кои не е дозволено
носење на оружје. Единствениот отпор на Алексис дошол од специјалната
полициска единица која неколку минути по првите истрели се појавила во
зградата. Сведоците велат дека неколку луѓе самите се жртвувале да го
привлечат вниманието на убиецот и да им дадат можност на нивните
колеги да побегнат.

- Им помогнав на колеги да се евакуираат од зградата. Во еден момент
бев во уличка надвор од зградата, кога вработен во одржувањето дојде
да ми каже дека напаѓачот се уште е во зградата. Во тој миг се слушна
истрел и работникот беше погоден во глава. Сигурен сум дека е убиен,
изјави Тим Џајрус, морнарички офицер.

Гери Хјумз, компјутерски техничар, изјави дека животот го спасил
благодарение на тоа што задоцнил неколку минути на работа.

- Одев накај зградата и слушнав нешто како експлозија. Потоа видов
како луѓе трчаат надвор, и се засолнив во соседната зграда. Господ
беше на моја страна овој ден, изјави Хјумз.

Нападот, кој се случи набргу по годишнината од нападите на 11
септември, и среде драмата околу најавуваниот напад на САД врз Сирија,
предизвика страв во Вашингтон и во САД дека се работи за терористички
чин. Поголем дел од југот на градот, меѓу реките Анакостиа и Потомак,
беше затворен за сообраќај, додека најмалку пет хеликоптери и неколку
воени авиони патролираа на небото. Хеликоптерите помагаа во евакуирање на вработените во Нејви Јард, кои спасот го побарале на покривите на зградите, како и во пренесување на повредените во болниците.

Џенис Орловски, главна докторка во болницата Џорџ Вашингтон, беше
забележителна со своите изјави во текот на денот. Таа ја информираше
јавноста за бројот на пациенти примени во болницата, видно потресена,
за на крај да даде и свое видување за нападот.

- Има нешто зло во нашето општество кое ние како Американци мора да
работиме да го искорениме. Ајде да го запреме ова. Ова не е Америка,
изјави докторката Орловски.

 Полицијата го држеше овој дел на градот под блокада до доцна во
попладнето. Седум училишта беа во таканаречен лок-даун, кога пристапот
до нив е строго ограничен и контролиран. Бејзбол екипата Вашингтон
Нешнлс го откажа натпреварот планиран за попладнето, на стадионот кој
е во непосредна близина на Нејви Јард.

Како техничар ангажиран од компанија која работела на компјутерите во
Системската команда во Нејви Јард, Арон Алексис имал документ за влез
во командата. Услов за да ја добие оваа дозвола за влез во командата е
да биде извршена проверка на неговото минато, односно да нема
криминално минато или случаи на насилство. Бидејќи Алексис зад себе
имал неколку случаи на насилно однесување, се претпоставува дека
поради кусите временски рокови му била издадена само привремена
дозвола за влез во командата, додека да се изврши потребната детална
проверка. Полицијата се уште утврдува дали Алексис потоа во некој од
претходните денови ја сокрил сачмарката во кругот на командата, или ја
донел со себе на денот на нападот.

Веста дека Алексис имал соучесници подоцна беше демантирана.
Полицискиот шеф Кети Ланиер во еден момент информираше дека полицијата трага по уште две лица, кои граѓани ги пријавила како можни соучесници бидејќи ги забележале со оружје. Едното од овие лица било подоцна лоцирано, и полицијата утврдила дека нема никаква врска со нападот.

Другиот осомничен не е пронајден, но исказите на очевидците не
укажуваат дека и тој има врска со нападот, туку се претпоставува дека
се работело за човек кој решил да се вооружи откако забележал дека во
тек е напад.

Некои од институциите во Вашингтон беа затворени во текот на денот.
Сенатот беше ставен под силно полициско обезбедување, а неколку
сослушувања беа одложени. Пред Белата куќа полицијата бргу и силно
реагираше откако граѓанин фрли петарда преку ограда, на тревникот.
Полицајците веднаш го претресоа и го уапсија, стравувајќи дека се
работи за напад врз претседателот на САД.

Арон Алексис

Афроамериканец, будист, поранешен морнар - кој е убиецот од Нејви Јард?

Вашингтон 17 септември (МИА) Полицијата во Вашингтон го потврди
идентитетот на Арон Алексис, 34 годишен поранешен морнарски
електричар, како убиецот кој вчера рано изутрина изврши напад во Нејви
Јард, седиштето на американската воена морнарица, убивајќи 12 лица.

Убиецот бил вработен во компанија ангажирана од гигантот Хјулит Пакард
да работи на нивниот голем проект за модернизирање на оперативните
системи на компјутерите на американската армија и воена морнарица.
Работејќи на овој проект, Алексис патувал низ САД, па дури и во
американските воени бази во странство, имал пристап до базите и
поминувал долго време во нив. Во Системската команда на морнарицата,
каде го изврши нападот, работел изминатите десетина дена, при што имал
доволно време да го испланира нападот.

Полицијата и Федералното биро за истраги објавија поголем број
податоци од неговиот живот, како и информации за претходните кривични
дела за кои бил обвинет, но не и осуден. Афроамериканец родум од
Њујорк, Алексис работел како авионски електричар во морнарицата, каде
бил ангажиран како резервист, од 2007 до 2011 година. За тоа време не
бил испратен на бојно поле или ангажиран во борба. Се проверува
неговото тврдење, искажано пред повеќе познаници дека бил присутен во
Њујорк за време на терористичките напади врз Њујорк и Вашингтон на 11
септември 2001 година, и дека останал истрауматизиран од нив.
Независно дали ова е точно или не, неговото минато содржи повеќе
насилни инциденти.

Во 2004 година во Сиетл, во напад на гнев по расправија со градежен
работник, Алексис ги изрешетал гумите на неговиот автомобил, по што
бил обвинет за нелегално пукање од огнено оружје. Во 2008 година во
Флорида бил уапсен поради предизвикување на безредие. Во септември
2010 година во градот Форт Ворт во Тексас бил уапсен откако, нервозен
поради вревата која доаѓала од станот под него, истрелал куршум кој го
пробил подот. Сосетката го пријавила, и притоа на полицијата и кажала
дека и порано била преплашена од однесувањето на соседот.

- Мислев дека куршумот не проби до нејзиниот стан, се правдал Алексис
пред полицијата, потоа додавајќи дека пиштолот му се лизнал и испукал
по грешка. Тој не бил обвинет за ова дело.

Медиумите особено инсистираа на личните податоци од животот на
напаѓачот, за да се утврди дали бил мотивиран од верски или идеолошки
екстремизам. Необично за профилите на извршителите на масовни напади
во САД, се покажа дека Алексис го прифатил будизмот и бил редовен
посетител на тајландска пагода, дури и патувал во оваа земја. Неговиот
поранешен цимер во градот Форт Ворт, Оуи Сутамтевакул, вели дека преку
него Алексис го прифатил будизмот, работел во неговиот тајландски
ресторан, па дури вложил сериозен напор да го научи тајландскиот
јазик.

- Не ми се веруваше дека би можел да пука во луѓе. За мене секогаш
беше како поголем брат, изјави Сутхамтевакул.

Тие двајцата заедно патувале во Тајланд, а неколку пати Алексис и сам
пошол во оваа земја, и живеел кај семејството на Сутхамтевакул.
Алексис двапати неделно одел на молитва и медитација во будистичка
пагода во Форт Ворт, но другите верници велат дека и таму бил повлечен
и некомуникативен, поради што го одбегнувале.

Кон профилот на напаѓачот придонесуваат повеќе негови познаници, при
што еден од нив изјавил дека Алексис бил опседнат и со насилни видео
игри, што веќе одговара на вообичаениот профил на масовните убијци во
САД.

 Коментар на руски пратеник ги навреди Американците

Гневни реакции во САД предизвика пораката што рускиот пратеник и
претседател на Комисијата за надворешни работи на Думата Алексеј
Пушков ја објави на социјалните мрежи.

- Нова престрелка во командата на морнарицата во Вашингтон. Никој веќе
не е изненаден од ова. Ова е јасен доказ за американската
исклучителност, напиша Пушков на неговиот профил на твитер.

Пораката се однесува на колумната која рускиот претседател Владимир
Путин ја објави во Њујорк тајмс, токму на годишнината на нападите од
11 септември и непосредно откако САД се откажаа од напад врз Сирија по
неговиот дипломатски маневар. Во колумната, која исто така предизвика
силни реакции во САД, Путин го критикува американското чувство дека се
посебна, исклучителна нација во светот. Американските медиуми гневно
реагираа на пораката на Пушков, оценувајќи ја како бесчувствителна.

Ова е втор случај Пушков да предизвика реакции со коментарите на
твитер. Претходно, по постигнатиот договор во кој САД се откажаа од
нападот врз Сирија, тој се пофали дека Русија ги кутнала САД на земја.

 



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Жената ја спушта слушалката по телефонскиот разговор и мажот и и довикнува од дневната соба:
- Не можам да поверувам дека разговараше само половина час!
- Грешка беше!!!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1755.- На иницијатива на големиот руски научник,...
1833.- Во Хамбург е роден Јоханес Брамс,...
1838.- Францускиот сликар Луј Дагер го откри...
1840.- Во Камско-Воткинск е роден Петар Илич...