Вашингтон, 14 март 2014 (МИА) - Периметарот на потрагата по исчезнатиот малезиски патнички авион ќе се прошири до Индискиот Океан.
Портпаролот на Белата куќа, Џеј Карни, појасни дека тоа се прави врз основа на новите информации.

Претставник на Воена морнарица на САД потврди дека американскиот миноносец „Кид“ минува преку Протокот Малака за Индискиот Океан.
Од американска база во Јапонија, исто така, во зоната на претрагата дополнително ќе биде испратен разузнавачки авион на американската армија.
„Кид“, заедно со американскиот миноносец „Пинки“, и досега учествуваа во потраги во Тајландскиот Залив.
Американскиот весник „Волстрит џорнал“ вчера јави дека е можно авионот да летал уште со часови, откако исчезнал од радарите, верзија која малезиските власти ја отфрлија.
Ако хипотетички се претпостави дека тврдењата на весникот се точни, тогаш авионот можел да стигне и до Индискиот Океан, Пакистан, па дури и до Арапско Море.
Дванаесет земји учествуваат во потрагата по авионот, во кој имаше 239 патници и членови на екипажот.