Мистериозен череп пронајден на дното на бунар во североисточна Кина во 2018 година предизвика огромен интерес кога не одговараше на ниту еден досега познат вид на праисториски човек.

Сега, научниците велат дека нашле доказ за тоа каде се вклопува овој фосил и може да биде клучно парче во уште една мистериозна еволутивна загатка. По неколку неуспешни обиди, истражувачите конечно успеале да извлечат генетски материјал од фосилизираниот череп наречен „Змеј Човек“ и го поврзале со една мистериозна група на рани луѓе позната како Денисовци.
Претходно, беа пронајдени и идентификувани преку древна ДНК десетина фосилизирани остатоци од коски на Денисовци. Но, поради нивната мала големина, не постоеше јасна претстава за тоа како изгледала оваа популација на антички луѓе, па групата никогаш не добила официјално научно име.
Научниците обично ги сметаат черепите,поради карактеристичните испакнатини и гребени, за најдобар тип на фосилизирани остатоци за да се разбере формата или изгледот на изумрените видови. Новите наоди, доколку се потврдат, може конечно да му дадат лице на името Денисовци.
-Навистина чувствувам дека расчистивме дел од мистеријата околу оваа популација, рече Ќаомеи Фу, професорка на Институтот за палеонтологија и палеоантропологија при Кинеската академија на науки во Пекинг, и главен автор на новото истражување. „По 15 години, го знаеме првиот череп на Денисовец.“ Денисовците беа првпат откриени во 2010 година од тим во кој учествуваше и Фу, преку античка ДНК содржана во фосил од мал прст пронајден во Денисова пештера во Алтајските планини во Русија.
Дополнителни остатоци пронајдени во пештерата, од која групата го добила своето име, како и на други места низ Азија, продолжуваат да го надополнуваат сè уште нецелосниот мозаик. Новото истражување, опишано во две научни статии „дефинитивно ќе биде меѓу, ако не и најголемото, палеоантрополошко истражување на годината,“ и ќе поттикне дебати, изјави Рајан Мекреј, палеоантрополог во Националниот музеј за природна историја Смитсонијан во Вашингтон.