Друловиќ е историја за Македонија

Предводникот на нашиот национален тим вчера беше назначен за нов тренер на Партизан, по што е јасно дека тој нема да биде на клупата на Македонија за следниот квалификациски циклус, и покрај тоа што се водеа преговори за негово останување

Кратко траеше приказната на Љубинко Друловиќ на селекторската клупа на Македонија. Србинот веќе е на пат кон Белград, и го остави бродот кој тоне а кој се вика македонска фудбалска репрезентација. Веќе најде нов клуб, а во нашата земја нема да се памети по добро затоа што не донесе ниту една победа, освои само еден бод, и селекцијата го одигра најлошиот квалификациски циклус.



Сигурно дека ниту Друловиќ нема да ја памети „одисејата“ во Македонија по добро. Дојде на голема врата, а неговото заминување беше сосема очекувано. Договорот му беше до крајот на квалификациите, и доколку биде на 4. позиција да се продолжи самиот. Продолжување ќе нема, а Друловиќ најде подобро и веднаш „избега“ од клупата на репрезентацијата.

СИ ОДИ КАКО НАЈСЛАБИОТ СЕЛЕКТОР

Ниту еден селектор кој досега бил на клупата на Македонија нема освоено толку малку бодови како Друловиќ. Тој е најслабиот селектор на нашата репрезентација гледано и процентуално. Само еден бод од пет меча е премалку за она што беше најавувано и она што беше кажувано. Велеше дека Македонија има потенцијал, но никако не можеше да го извлече максимумот од играчите. Иако ова е кратко време да се каже нешто повеќе, со оглед дека мина на клупата нешто помалку од пет месеци. Друловиќ можеби беше легенда во Порто, во Србија со која до 19 години освои европско злато, но дефинитивно ќе биде запишан во историјата како најслаб предводник на Македонија. Освен ако некој од идните селектори направи поголемо „фијаско“ од самиот Друловиќ.

ПАРТИЗАН Е СЛЕДНА ДЕСТИНАЦИЈА

Тоа што вчера утрината го најави „Македонски спорт“ на својата веб страница беше потврдено во текот на вчерашниот ден, а тоа дека Љубинко Друловиќ ќе седне на клупата на Партизан и ќе биде нов тренер на белградските „црно-бели“. Тоа го потврди потпретседателот на Партизан, Милорад Вучелиќ, кој соопшти дека Управниот одбор на клубот ја донел одлуката едногласно и дека довчерашниот селектор на Македонија ќе дебитира на клупата на Партизан веќе в недела на натпреварот од 14 коло од српската Суперлига против Јавор.

Во Партизан Друловиќ ќе го замени Зоран Милинковиќ, кој доби отказ по неуспесите во домашниот шампионат. Со тоа Друловиќ ќе се врати во клубот по 11 години откако во сезоната 2003-2004 година настапуваше за оваа екипа, дури и во групната фаза од Лигата на шампионите. Да потсетиме, дека Друловиќ својот најголем успех во тренерската кариера го оствари со освојувањето на титулата Европски шампион со репрезентацијата на Србија до 19 години во 2013 година.



НЕСЛАВЕН КРАЈ КАКО И ПРЕТХОДНИОТ СРБИН

Крајот на Друловиќ е неславен, исто како оној кој го имаше Слободан Сантрач. Тој е првиот, а Друловиќ вториот Србин на клупата, а двајцата имаат заедничко со тоа што немаа резултати додека беа на чело на нашата репрезентација. Сантрач беше само три меча, и исто временски колку и Друловиќ од кои имавме само една победа над Ерменија, и три порази од Чешка (6:1), потоа од Финска дома 0:3, по што следуваше и заминување од македонската клупа. Тоа кажува дека не ни оди најдобро со селектори од нашиот северен сосед, иако не можеме да кажеме за странците, со оглед дека во времето на Среќко Катанец Македонија го имаше најдобриот пласман на ФИФА листата. Имавме и игра, имавме дисциплина... Од друга страна, пак, со уште еден странец во името на Џон Тошак немавме некои позабалежителни резултати, а и тој малку се задржа на клупата - само една година. Со Тошак пред неколку години исто така загубивме од Луксембург, но во пријателски натпревар.

ФФМ ЧЕКА ОТЧЕТ...

Откако се појавија информациите дека Друловиќ ќе замине во Партизан и ќе ја остави Македонија, со свој став се јави Саша Ќириќ, како и самиот доскорашен селектор кои на официјалната веб страница на ФФМ го искажаа ставот околу најновите информации.

„Информирани сме дека Друловиќ има понуда од Партизан, и постојано сме во контакт. Како федерација врз основа на добиениот извештај од неговата работа, меѓусебно ќе се договориме околу продолжувањето на договорот во следните две години“, изјави Ќириќ.

Друловиќ, пак, кажа дека не се точни информациите дека е тренер на Партизан.

„Точно е дека имам понуда, но не е точно дека веќе сум тренер на Партизан. Во договорот со ФФМ стои дека ќе преговараме околу евентуално продолжување на соработката по крајот на квалификациите“, вели Друловиќ.

...А ДРУЛОВИЌ ВЕЌЕ ДАДЕ РАКА

Интересно е што од другата страна, од белградскиот тим се вели дека веќе денеска Друловиќ треба да се појави на првиот тренинг на Партизан.

„УО на ФК Партизан на седницата едногласно го именуваше Љубинко Друловиќ за нов тренер на екипата. Очекувањата се секогаш шампионски, со желба да се продолжи со успешните настапи во Лигата на Европа. Му благодариме на досегашната соработка на Милинковиќ. Договорот со Друловиќ официјално ќе биде потпишан во петок попладне, и тоа до јуни следната година. Причината е тоа што ФК Партизан сака да ги испочитува луѓето од фудбалската федерација на Македонија кои према Друловиќ и Партизан беа многу коректни и ветија дека нема да му прават проблеми во понатамошната кариера. Кога ќе се завршат сите формалности, а тоа беше барање на новиот тренер, тогаш ќе се потпише договорот, а потоа Друловиќ ќе се запознае со екипата“, се вели во текстот на официјалната веб страница на Ф.К. Партизан.



ПО ЧЕДЕ - ДРУЛОВИЌ

Сите гледаат дека нема „фајде“ во Македонија. Чеде Јаневски уште додека траеше циклусот замина во Белгија, во тимот на Монс, откако виде колку е часот. Тешко кој селектор ќе издржи во една ваква средина која има само поразителни резултати. Чеде не издржа, а ниту Друловиќ. Една понуда, и веднаш сите бегаат. Секаде е добро, а во Македонија клупата е секогаш „жешка“. Друловиќ се соочуваше со такви проблеми како на пример бегањето на Димитровски на средина на подготвителен период за меч, нешто што не се случува во професионален клуб. Кој селектор и да дојде, ќе го има истиот проблем затоа што нашиот менталитет е таков, па затоа веднаш прифаќаат и прва понуда да бидат тренери некаде во странство.

КОМУ НЕСРЕЌНАТА „13“?

Македонија го добива 13. селектор од осамостојувањето, не броејќи ги тука и оние кои кратко, односно со функција вршители на должноста беа на клупата на репрезентацијата како што се Стратев, Бабунски и Седлоски. Тука Драган Канатларовски го сметаме како еден човек, со оглед дека тој двапати беше на клупата на Македонија. Затоа Македонија треба да го одбере 13. селектор. Несреќен број, но на кому ќе му припадне тој, останува да се види.

Во случај Друловиќ и дефинитивно да ја „откачи“ Македонија, тогаш ФФМ ќе треба да бара и да најде решение. Новиот селектор ќе дебитира на клупата на Македонија на пријателскиот дуел со Црна Гора, кој се игра на 12 ноември во Скопје.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Оди Трпе во продавница.
- Дајте ми литар масло.
- Флаша имате?
- Не, ќе го пијам пред врата!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
СОСТОЈБА: Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози. Во западните делови од државата, на повисоките места се бележат врнежи од снег, но...
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Меѓународен ден на трудот.
1218.- Роден е германскиот цар Рудолф, основач...
1672.- Роден е англискиот писател и политичар...
1858.- Се случи битката на Грахово. По победата...