Можеше многу лесно да се случи натпреварот Македонија - Шкотска да биде прекинат, или воопшто да не почне.

Имено, делегатот на оваа средба, Пјерино Лардини (Швајцарија), придржувајќи се кон строгите правила и прописи на ФИФА и УЕФА (забрана за истакнување пароли со политички содржини) побара од организаторот на мечот да се тргне транспарентот со сликата на хашкиот осуденик Јохан Тарчуловски од оградата на западната трибина. Во текот на првиот дел официјалниот спикер побара од навивачите на таа трибина тоа да го сторат, но на овие ни на крај памет не им паѓаше да го тргнат тој транспарент. Бадијала беа прво убедувањата на секретарот на репрезентацијата Славчо Војнески, како и на генералниот секретар на ФФМ, Никола Костов, со тие навивачи.
Видлива беше реакцијата на делегатот дека има намера да ја прекине средбата, во тој момент според нашите сознанија се размислувало веднаш да реагира и специјалната единица на МВР, но некој одлучил да не ги ангажира "специјалците" стравувајќи од поголеми инциденти. На полувремето голема бизарност, замислете Костов бара од капитенот Гоце Седлоски да ги моли навивачите да се "симне" транспарентот. И Седлоски место да оди во соблекувалната каде се "коваше" тактиката за вториот дел тој цели пет минути "потроши" во молење на водачите на таа навивачка група, но ни тој не успеа да ги измоли.
Лардини дозволи да почне вториот дел, но упати уште една последна препорака дека има цврста намера да го прекине мечот. И тогаш конечно (некаде околу 60. минута од средбата) некој се сети да ги повика специјалците кои за само минута - две го решија проблемот и го "симнаа" Јохан од оградата на западната трибина. Во знак на протест, "навредени", тие навивачи почнаа со извикување невкусни пароли кон полицајците. Притоа исто така во знак на потест тргнати беа и неколку државни знамиња, како и транспарентот со сликата на Тоше Проевски.
Добро е што така заврши зошто казна од ФИФА и УЕФА ќе има, веројатно таа ќе биде само парична (се споменуваат 7.000 франци).