
Јужна Африка ги прави последните подготовки за гала-церемонијата в петок на која ќе се одржи ждрепката за претстојното Светско првенство. Последната информација од Кејпатун е дека на свеченоста ќе присуствуваат голем број видни лица од светскиот џет-сет меѓу кои најпопуларното име секако е оскаровката Шарлиз Терон.
Јужноафриканската актерка за време на ждрепката ќе му биде асистентка на генералниот секретар на ФИФА, Жером Валке, а покрај неа, тука ќе бидат уште добитникот на Нобеловата награда за мир, Дезмонд Туту и поранешниот потпретседател на Јужна Африка, Фредерик де Клерк. Поранешниот претседател Нелсон Мендела на присутните ќе им се обрати преку видеопорака.
Познат е и протоколот според кој ќе се одвива свеченоста. На почетокот добредојде на присутните ќе им посака актуелниот претседател на Јужна Африка, Јакоб Зума, додека на сцената во текот на свеченоста ќе се појават неколку поранешни и сегашни спортски ѕвезди како Дејвид Бекам, Хајле Гебрселасие, Франц Бекенбауер и Мишел Платини.
"Тоа ќе биде многу важен настан за фудбалот и цела Африка бидејќи во Кејптаун шест репрезентативци од овој континент ќе бидат претставени на најубав можен начин. Очекуваме гледачите покрај малите екрани да уживаат во текот на целата ждрепка", рече Валке.
Церемонијата в петок почнува во 18 часот по средноевропско време. Преку телевизиските екрани се очекува да ја проследат околу 200 милиони луѓе од светот додека во Кејптаун се очекуваат над 1700 претставници на медиумите. Веќе е избрана и официјална химна на Мундијалот, тоа песната "Знамето се вее" во изведба на канадскиот музичар К'Нан.