Огромна е веројатноста, не сакајќи да си поигрува со реномето на големиот Ливерпул, новиот менаџер на "црвените од Енфилд" со дел од своите ѕвезди да допатува во Скопје на првиот натпревар од 3. квалификациско коло во Лигата на Европа, информираа вчера Англичаните во пресрет на денешната официјална одлука на Рој Хоџсон.
Вчера Хоџсон јасно нагласи дека сосема е можно капитенот на тимот Стивен Џерард да игра на првиот натпревар со нашите "романтичари" на "Филип Втори", предводејќи ги "црвените" и покрај мислењето на медицинскиот тим дека се уште е рано за негова натпреварувачка активност. Според најавите, поранешниот стратег на Фулам е цврсто решен да остави одличен впечаток на неговото официјално деби на клупата на Ливерпул во Скопје поради што покрај Џерард веќе се најавува вклучување во тимот и на Џејми Карагер, Глен Џонџон и Џо Кол веќе за првото европско претставување.
"До вторник ќе ја донесам конечната одлука, но сега моите размислувања се да настапиме со нешто поискусен тим во однос на првичните планови. Ќе биде тешка одлука меѓу мојата желба и советите на медицинскиот тим, но еве ќе бидам смел да кажам дека сакам да искористам неколку од нашите поискусни фудбалери кои настапуваа на СП 2010 уште за првиот натпревар во Скопје", истакна вчера Хоџсон, притоа нагласувајќи дека сите оние фудбалери кои ќе ги поведе во нашиот главен град ќе мора да бидат максимално на располагање на тимот.
"Во Македонија ќе патуваат само оние фудбалери кои ќе имаат значајна улога на натпреварот. Не сакам да го носам Џерард во Скопје само за да ги одигра последните 10 минути од средбата. Ако доаѓа тогаш ќе го игра целиот натпревар", дополнува менаџерот на Ливерпул.
Тоа што е сигурно од попознатите фудбалери на англискиот премиерлигаш во Македонија сигурно ќе играат бразилските интернационалци, голманот Кавалиери и фудбалерот од средниот ред Лукаш, грчкиот дефанзивец Киргијакос, францускиот напаѓач Давид Н'Гог, Швајцарецот Филип Деген..., но и новите засилувања Милан Јовановиќ и Дени Вилсон.