Репрезентацијата на Ангола е првиот противник на Македонија на овој турнир. И самиот поглед на ростерот кажува дека е составена само од играчи кои настапуваат во локални клубови, кои ќе го бараат својот шести настап на Олимписките игри (во серија).
Ангола, преку настапите и победите на Афробаскетот успеваше досега да обезбеди пласман на последните пет Олимписки игри (од Барселона 1992 до Пекинг во 2008 година)

Покрај петте настапи на Олимписките игри, Ангола играше и на пет Светски првенства и победи на 10 континентални шампионати во 11 настапи.
Па затоа оваа историја и искуството на нејзините играчи со настапите на сите овие натпреварувања ја прават незгоден противник за секоја светска репрезентација.
На средината на минатата година Ангола започна вистинска трансформација. Селекторот Мичел Гомез беше отпуштен, а на средината на Афробаскетот неговиот асистент, Хаиме Ковиља, ја презема водечката улога.

Ангола се пласираше во финалето, но загуби од Тунис и токму тој пораз ја донесе на турнирот во Венецуела и за првпат по 20 години го доведе пласманот на Олимписките игри на оваа репрезентација под знак прашалник.
Во меѓувреме, Федерацијата на Ангола го доведе Хозе Карлос Гимараеш како нов селектор и тој ќе го предводи составот на квалификацискиот олимписки турнир.
Одлика на Анголците е брза игра преку доста контранапади, игра "еден-на-еден" и шут од далечина. Често имаат проблеми во рекетот поради висината на нивните центри.
Олимпио Чиприано, ниското крило кој беше изоставен од тимот за минатиот Афробаскет, повторно е во екипата и ќе ја предводи играта во Каракас заедно со искусните Жоаким Гомез и Карлос Алмеида.
Се очекува и младиот центар Валделицио Жоаким, кој настапува за Универзитетот во Хаваи, да биде освежување за тимот во играта под кошевите.