Не дека досега немаше толку важни натпревари. Не дека лани во Литванија дојдовме и до четвртото место во Европа.
Сепак, она што вечерва (од 23.30 часот) по македонско време, во Арената "Полиедро" во Каракас, го чека нашиот сениорски тим се граничи со нешто најважно во историјата на македонската кошарка.
Зошто?
Од едноставна причина затоа што ако Македонија ја совлада селекцијата на Доминиканската Република, ќе обезбеди место во полуфиналето на олимписките квалификации.

Односно, "црвено-жолтите" ќе дојдат на само еден чекор од остварување на сонот, да заиграат на Олимписките игри, оние во Лондон, кои почнуваат пред крајот на овој и тоа како "жежок" јули.
Првата цел на нашиот стручен стожер во Каракас е или беше остварена, макар и на еден поинаков замислен начин.
Загубивме од Ангола, но го победивме Нов Зеланд, и тоа убедливо, што во крајниот скор на групата "Д" ни го донесе првото место во групата.
И навидум нешто полесен противник, поточно Доминикана, а не за нас, не баш толку посакуваната Русија против која имаме крајно негативен биланс
Но, играта прикажана во Каракас, особено онаа во првите 40 минути во најмала рака не е ветувачка.
Особено демонстрирана во фазата на одбраната, каде сме премногу далеку над оној просек на примени поени, каков што беше, го имавме во Литванија.
Селекторот Марјан Лазовски не сакаше преголем ризик. Па против Ангола и Нов Зеланд им веруваше во најголема мерка на своите стартери. Исклучок прави онаа прва центарска позиција каде минути ги делат Самарџиски и Гечевски, но и онаа на крилото, каде се менуваа(т) браќата Стојановски.
Веројатно добар момент во една таква одлука е што стартерите добија цели три дена за одмор, а стручниот штаб за подготовка, како против Доминикана.

"Нашата прва цел во Каракас ја остваривме. Завршивме како првопласирани во групата, се пласиравме во четвртфиналето. Но немаме намера тука и да застанеме" - вели Перо Антиќ."Свесни сме дека пред нас е најголемото искушение од кога постои оваа селекција и генерација на играчи на Македонија. Во еден натпревар, во само 40 минути е собрано сето она за што работевме сите овие изминати месеци, па и години наназад. И ќе размислуваме само околу тоа како да ја победиме Доминикана, ништо повеќе од тоа. Нема да одиме напред со мислите. Такво нешто во овој момент не ни е потребно"- вели еден од нашите адути и човекот кој, многу извесно, ќе биде задолжен да ја одбрани Македонија од нападите на еден НБА стар како Ал Хорфорд.
"Собравме доста материјали за нив, и за тоа како играат. Интенцијата е да ја спуштаат топката 'внатре' во рекетот, најчесто кај Хорфорд, но и Мартинез. Првиот е одличен поентер, другиот уште подобар скокач. И ќе треба да го спречиме тој момент во нивната игра. Но, многу поголемо внимание сакаме и ќе посветиме на нашата игра. Добро е што имавме неколку дена за одмор, за да акумулираме свежина, и тоа како потребна за вакви нокаут-натпревари во кои нема враќање назад. И по дуелот со Ангола реков дека треба да се соземеме, да заиграме како што навистина знаеме и умееме. Делумно тоа го направивме против Нов Зеланд. И верувам дека ако е така, нема причини зошто не би биле во полуфиналето, без оглед што, ќе повторам, пред нас стои една одлична репрезентација, онаа доминиканската, секако"- дополнува нашето силно крило.
Во секој случај, нашата одбрана ќе биде ставена на сериозен испит. Но така беше и на оние претходни, исто така тешки дуели кои нашите момчиња во Литванија ги решија во своја корист и покажаа дека знаат да играат вакви завршници, нокаут натпревари во кои победникот добива се, поразениот си оди дома.