Под генерално покровителство на Министерство за спорт, во организација на агенцијата Арммада и Македонската ММА федерација, вчера во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје се одржа настанот – Арммадa 14.

- Македонската публика и сите љубители на боречките спортови имаа ретка можност во живо да видат квалитетни борби и познати борци во ММА. Министерството за спорт како комплетен покровител го поддржа овој настан кој значи голема промоција на спортот кој е сѐ позастапен во Македонија и негово приближување до публиката – рече министерот за спорт, Борко Ристовски.
Во боречката програма на овој ММА спектакл покрај македонските настапија и борци од Молдавија, Грузија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Кипар и од Германија.

Од Македонците победи остварија Даниела Алексовска, Марко Трајановски и Коста Георгиевски.
Алексовска ја воодушеви арената со сензационална победа уште во првата рунда. Македонската репрезентативка со маестрален арбар ја совлада својата противничка, Флацеа Алда од Молдавија, во последната минута од воведната рунда.
Трајановски го запиша својот прв полупрофесионален триумф со убедлива судиска одлука против Петар Кликовац од Србија по целосни три рунди, а Костадин Георгиевски извојува победа со едногласна одлука на судии над Раде Новаковиќ од Србија.

- Ова е прв ваков настан што се организира во Македонија во последниве 15 години. Презадоволен сум од интересот, од поддршката и од тоа како помина целиот настан кој се пренесуваше и директно на каналот Арена фајт. Имавме убави борби, извонредни победи и најважно - немаше повреди. Овој настан е извонредна можност за популаризација на спортот и за промоција на државата – истакна претседателот на Македонската ММА федерација, Ивица Алексовски.