Рожер Федерер покажа дека е во застрашувачка форма во финишот на сезоната, откако со неверојатни 6:3/6:0 го "уништи" својот вечен ривал Рафаел Надал за 2-0 скор по првите два натпревари од Б групата на АТП Финалето во Лондон.
Надал се уште го има подобриот скор во дуелите со Федерер, од 17-9, а ова е прв пораз од Швајцарецот по претходните три победи. Шпанецот сега треба да го совлада Жо-Вилфрид Цонга во последниот меч за да влезе во 1/2 финалето.
Жо-Вилфрид Цонга ја заработи првата победа на АТП Финалето, откако со 7:6(4)/6:1 го совлада Американецот Марди Фиш во вториот натпревар од Б групата. Фиш се мачеше со повредата на бутниот мускул, додека Французинот не можеше да пронајде баланс во својата игра, откако двапати водеше со брејк предност во првиот сет, но мораше да се бори во тај-брејк. Тој исто така загуби брејк на стартот на вториот сет, по што освои шест гема во низа.
"Навистина е добро да се победи за првпат на овој турнир. Беше тешко, но победата ќе ја задржам", вели Цонга, за кого ова е втор настап на АТП финалето по дебито во Шангај пред три години.