Атина архивирана, со мислите кон Скопје

Македонската репрезентација смирено го очекува денот кога одново на теренот против неа ќе застане репрезентацијата на Грција, во 60-минутна битка по која ќе се знае патникот за мундијалот што во јануари ќе се игра во Доха, Катар.

Македонија реваншот го очекува со позитивен резултат, победа од два гола разлика изборена на натпревар во Атина, каде веднаш по мечот можевме да се увериме дека првенствено не се задоволни играчите, а Македонија остана должна на домашната публика.

Не резултатски, ова е сепак победа на гостински терен која ја остварува примарната цел. Да не се однесуваме разгалено, ова е одличен резултат затоа што откако се играат бараж дуелите „еден на еден“, Македонија никогаш досега не била во ситуација на домашен терен да брани предност. Ниту, пак, сениорски македонски тим се вратил од Атина со победа. И можеме овде лесно да ја завршиме приказната и да се фокусираме на реваншот.

Останаа должни ракометарите затоа што не го покажаа својот вистински квалитет. Ги гледаме како играат цела сезона, така што можеме со право да заклучиме дека тоа што го одиграа во Атина не е тоа што навистина го можат и умеат.

Вообичаено е по ваква констатација да следи дека и противникот имал удел, но тешко дека за нашата игра во случајов можеме да ги „обвиниме“ противниците затоа што иако барем според нивните изјави биле блиску до максимумот, не покажаа нешто особено добро. Повеќе би рекле дека изгледаа „добро“, затоа што нашиот тим не изгледаше така.

Можеби улогата на фаворит не ни лежи добро. На оваа репрезентација, вклучително и клубовите каде најголем дел од репрезентативците играат, вообичаено главен мотив им е противник против кого знаат дека немаат право на ниту една неизнудена грешка. Со цела почит кон неделниот противник, Грција не е во тој ранг на екипи, па и пристапот беше полежерен. Сме гледале многу натпревари и на домашна сцена на Металург и Вардар на пример, каде иако влогот бил голем, резултатски не блескале против послабите противници од домашното првенство. Ако веќе сме тргнале да правиме компарации, вака би го споредиле натпреварот одигран во Атина.

Селекторот го дели ставот дека Македонија може да игра многу подобро и дека тоа ќе го видиме веќе в недела.

„Ние остваривме добар резултат, победивме на гостински терен и ќе оствариме пласман на СП Катар. До овде не дојдовме лесно, но тоа што сме овде е наша заслуга. Репрезентацијата излезе од надолната линија по која одеше во Гетеборг и по тоа во квалификациите за Данска. Стигнавме до ЕП, од таму се изборивме за место во привилегираната група, ја добивме Грција и сега сме на пат да обезбедиме учество во Катар. Одиме во вистинската насока“, вели селекторот Обрван.

„Уште од моментот кога ги добивме за противник се направи еден таков амбиент во јавноста дека ќе биде доволно само да се појавиме на терен и да ги победиме. На ова ќе додадам само и дека е крајот на сезоната, моментот кога сите ракометари се истрошени до граница и дека тоа е видливо не само кај нашиот тим туку и кај сите репрезентации каде играчите имале исцрпувачки сезони. Јас сум најголем критичар за себе и мојот тим, знам дека не одигравме на нивото, но мораме да бидеме позитивни и да го гледаме резултатот и оствареното во Атина. Играта ќе биде подобра веќе во Скопје, ќе го поправиме впечатокот и ќе ја оствариме нашата прва цел - пласманот на СП Катар, каде што ќе поставиме повисоки критериуми за тоа што треба да го направиме“, изјави селекторот Ивица Обрван.

Реваншот извесно ќе биде поинаква приказна. На домашен терен во амбиент каков што се очекува во „Борис Трајковски“, едноставно трибината не дава никакво опуштање. Од тој аспект и односот на играчите, а со тоа и на силите ќе биде поинаков.

Во истото е убеден и Ванчо Димовски, еден од најискусните репрезентативци на Македонија.

„Има многу причини зошто одигравме така како што одигравме, но најважно е што на овој натпревар остваривме победа и сме на пат да се пласираме на ЕП. Само тоа е важно во моментов. Имавме среќа во ждрепката што ги добивме нив за противник и сега тоа треба да го материјализираме. Останува во Скопје да одиграме подобро, да го поправиме впечатокот и да ја заборавиме Атина“, вели Димовски.

ДОЛЖНИ ДА ВОЗВРАТИМЕ НА КОРЕКТНОСТА

Нема да бидеме искрени ако не кажеме дека на патувањето во Грција очекувавме провокации од секаков тип, дека се подготвуваме на сопки, непријателски однос, да не зборуваме за публика која тешко се контролира, дека играњето на натпреварот ќе биде вистински напор.

Престојот во Атина беше комплетна спротивност на очекувањата. Ракометарите без никаков проблем стигнаа до одредиштето, публика во салата немаше многу, но и тие што беа ниту ја исвиркуваа нашата химна, ниту ракометарите при претставувањето. Домаќинот направи сè што требаше на професионален план за да мине како што треба. За пример ќе го споменеме нивниот претставник за односи со медиумите, кој цел час се обидуваше да обезбеди интернет, по натпреварот македонските новинари ја имаа на располагање салата до кога сакаат, што да бидеме уште еднаш реални, не е случај ниту во Скопје.

Грците нè задолжија со коректен и професионален однос да им биде возвратено со иста мерка. Јасно не е исто кога во салата имате дваесет пати повеќе навивачи, но има работи кои можат да бидат организирани барем на истото ниво.

„Ние сме овде да го развиваме спортот, не да водиме политика“, вели генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски. „Грците како организатори на натпреварот беа многу коректни. Не беше оставено ништо на случајност. Тимот постојано беше со полициска придружба, немавме никакви проблеми во комуникацијата и со една реченица, сè мина во најдобар ред. Обврзани сме да возвратиме во иста мерка во Скопје“, вели Милошевски.

ВАЈЛД КАРТИ ЗА ОИ

СП Катар каде веќе со една нога го имаме пречекорено прагот е настан од каде се обезбедува место во авионот за Рио или, пак, во квалификациските за летниот мега-спектакл во 2016. Како сето тоа ќе изгледа, е отворено прашање затоа што ИХФ потврди дека планира воведување валјд карти за квалификациите за Олимписките игри во Рио. Светската федерација вообичаено ги делеше местата за ОИ според пласманот на мундијалите и континенталните шампионати, но пред ОИ Лондон, за првпат воведе квалификации за Олимпијадата. Сега го модификува системот, поточно поради падот на рејтингот на ракометот, размислува за воведување на покана за настап на квалификациите. Причината за падот на рејтингот ИХФ ја гледа во неучеството на Германија и нивниот тв аудиториум и треба да претпоставиме дека во Рио тие мора да бидат присутни. Инаку, ракометот е на тенок лед кај летните олимпијади и веќе извесен период се заговара негова преселба во Зимските олимписки игри.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Жената ја спушта слушалката по телефонскиот разговор и мажот и и довикнува од дневната соба:
- Не можам да поверувам дека разговараше само половина час!
- Грешка беше!!!
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
1755.- На иницијатива на големиот руски научник,...
1833.- Во Хамбург е роден Јоханес Брамс,...
1838.- Францускиот сликар Луј Дагер го откри...
1840.- Во Камско-Воткинск е роден Петар Илич...