Изминатава декада беа срушени многу од митовите поврзани со исхраната и диетите кои долго време се сметаа за точни. Еве ги најзначајните:
1) Јадењето масти е нездраво и дебелее
Митот дека мастите се лоши и дебелеат започна во доцните 1990-ти, а се одржа до доцните 2000-ти. Но, изминатите неколку години се покажа дека „лесните“ (lite) , т.е „безмасни“ верзии на популарните производи се полоши за здравјето и го зголемуваат ризикот од срцеви заболувања претходно поврзани со масната храна.
Многу од масната храна е совршено здрава, со тоа што мастите се покалорични во споредба со јаглехидратите и протеинот, па треба да се внимава со количината која што се внесува.
Исто така важен е и видот – заситените масти се поврзани со повеќе ризици од разни заболувања, во споредба со незаситените. Експертите препорачуваат баланс помеѓу внесот на масти, протеин и јаглехидрати за оптимална исхрана.
2) Најдобар начин за слабеење се „детокс“ диетите
Слабеењето преку т.н „детоксификација“ на организмот беше голем тренд, кој за среќа конечно се стишува на крајот на оваа декада.
Истражувањата покажуваат дека екстремни и брзи диети не функционираат и не се добри за здравјето на долги патеки. Исто така, псевдо-научните тврдења кои одат со разните вакви диети можат многу да му штетат на здравјето и не е воопшто научно потврдено дека функционираат.
Сите имаме црн дроб и бубрези чија работа е да ги обработуваат и исфрлаат токсините од организмот, така да ниедна „детокс“ диета нема тоа да го промени или забрза, и единствено може да наштети поради недоволниот внес на сите потребни хранливи состојки во организмот.
3) Сите калории се исти
До неодамна се сметаше дека е важен само балансот помеѓу внесот на калории – помалку калории за слабеење и повеќе за дебелеење. Меѓутоа, бројни студии покажале дека не е толку едноставно, бидејќи витамините, минералите, влакната и останати фактори играат клучна улога за нашето здравје.
Одредени продукти како лиснатите зеленчуци имаат влијание на добрите бактерии во стомакот, што го намалува ризикот од болести, помагаат во слабеењето и слично, дури и доколку се јадат во поголема калориска количина.
Процесирана храна, пак, може да биде полоша за здравјето (дури и ако е нискокалорична) во споредба со влијанието кое врз здравјето го има внесот на многу калории.
4) Индексот на телесната маса е точен показател за здравјето
Индексот на телесната маса (BMI) е мерка која го покажува соодносот помеѓу тежината и висината и во почетокот била наменета за статистички цели, но станала стандардна метода која се користи за дефинирање на кој е „здрав“, а кој е „дебел“.
Изминатава декада научниците, докторите и останатите експерти сфатиле дека тоа всушност претставува проблем. BMI индексот не ги мери преголемите телесни масти, ниту пак ги зема во предвид факторите како староста и мускулната маса. Тоа значи дека луѓето како елитните спортисти според високиот BMI индекс се дефинираат како луѓе со прекумерна тежина, иако здравјето им е на највисоко ниво.
5) Вегетаријанската храна е секогаш поздрава
Со намалувањето на количината месо која се јаде или целосно елиминирање на животинските продукти, не значи дека здравјето ќе се подобри и дека вегетаријанската исхрана е секогаш поздрава.
Голем дел од „џанк фуд“ продуктите кои не содржат животински продукти се полни со калории, процесирани масти и рафинирани шеќери, а имаат многу малку хранливи состојки.
Процесираната храна, без разлика дали е базирана на месо или билки, е штетна по здравјето, особено кога содржи масла со низок квалитет.
6) Вештачките засладувачи се подобри од шеќерот
Истражувањата сугерираат дека вештачките засладувачи не се ништо подобри од шеќерот, бидејќи и тие можат да предизвикаат проблеми со црниот дроб и бубрезите, висок крвен притисок, и дебелеење.
Сепак, не постојат целосни докази дека вештачките засладувачи се исклучително опасни како што некои ги сметаат. И покрај стравот дека аспартамот и слични засладувачи се поврзани со појавата на канцер, голем број на истражувања (над 100 студии) сугерираат дека тој е сосема безбеден, особено кога ќе се земе во предвид дека студиите кои го тврдат спротивното најчесто се правени врз глувци и инсекти.