Претседателот на Албанија Бајрам Бегај за време на своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации, повика на поддршка за членството на Косово во ОН, нарекувајќи го тоа „чин на правда“.

- Придонесот на Косово кон регионалната и пошироката соработка е неоспорен, а сепак, столчето на Косово во ова Собрание останува неправедно празно, рече Бегај во својот говор, пренесе Радио Слободна Европа на албански јазик.
Тој изјави дека признавањето на независноста на Косово и поддршката за неговото членство во ОН и другите меѓународни организации е „чин на правда“ и клучен чекор кон консолидација на мирот на Западен Балкан.
„Седумнаесет години по прогласувањето на независноста, Косово со своето дејствување покажа дека е одговорен член на меѓународната заедница, посветен на мирот, стабилноста и демократските вредности, со силни институции“, додаде Бегај.