Хрватскиот претседател Иво Јосиповиќ паднал по скали по говор во српскиот град Суботица, а од потешки повреди го спасил претседателот на Србија, Борис Тадиќ, пишува српскиот весник “Прес“, пренесува Нетпрес.
Јосиповиќ бил во Суботица по повод прослава на 20 години од Демократската заедница на војвоѓанските Хрвати. Тој ги поздравувал присутните, кои му ракоплескале, а наместо во скалите тој гледал во насобраните луѓе и симнувајќи се, утнал едно скалило, се сопнал и паднал. Прв притрчал да му помогне српскиот претседател Борис Тадиќ. Го подигнал, а овој си ги избришал рацете и се симнал од бината.
“Изгледаше страшно кога Јосиповиќ, одеднаш, во момент на ефорија и смеење, се струполи на земја. Но, тој стана се насмевна и рече дека се’ е во ред“, раскажал за весникот очевидец на немилиот настан.
Инаку, обезбедувањето во Србија било подигнато на највисоко ниво за посетата на хрватскиот претседател, а за неговата безбедност се грижеле дури 1.500 полицајци и припадници на безбедносните служби.