Шефовите на дипломатиите на Германија и Чешка, Јохан Вадефул и Јан Липовски, на денешната средба во Прага се согласија дека треба да продолжат напорите за убедување на скептичните европски сојузници, Словачка или Унгарија, но и САД, значително да го зголемат притисокот врз Русија со санкции што ќе ја „здболат“, дури и ако тоа е „економски непријатно“ за Европската Унија, пренесе Бета.

-Кој и да мисли дека ќе го убеди претседателот Владимир Путин на мир со ласкање и отстапки, длабоко греши. Водиме дијалог со САД за тоа како да извршиме уште поголем притисок врз Путин. Русија никогаш повеќе не смее да нападне еден од нашите сојузници. Се согласивме да ја искористиме целата наша сила за да го усвоиме 18-тиот пакет санкции, изјави германскиот министер Вадефул по разговорот со неговиот чешки колега, Липавски.
Шефот на германската дипломатија предупреди дека Русија внимателно ја следи ЕУ и забележува и искористува какви било разлики во ставовите меѓу нејзините членки.
-Двајцата апелираме до партнерите кои имаат одредени сомнежи, да покажат дека сме заедно, дека можеме да ѝ помогнеме на Украина ако преземеме некои мерки, иако тоа може да ни наштети економски, рече Вадефул.
Според него, Германија сега побарала од своите партнери во Европа уште еднаш да проверат дали може да се најдат некои резерви во воените магацини и да испратат оружје и муниција во Украина, особено за нејзината противракетна одбрана.
Меѓутоа, министерот денеска реагираше воздржано на чешката иницијатива за ограничување на движењето на руските дипломати во Шенген зоната поради честите хибридни напади од Русија.
-Интензивно преговараме. Знаеме дека има многу закани во Балтичкото Море, има кибер напади каде што и Германија беше цел, кампањи за дезинформации. Имаме строги барања за акредитација на руски дипломати, но за конкретни санкции мора да видиме како да го направиме тоа законски и да се подготвиме за одмазднички мерки, рече германскиот министер.
Од овие причини Вадефул се залага за усвојување на пакет што би ја вклучил таканаречената „руска флота во сенка“ - танкери под странски знамиња што транспортираат руска нафта, а би била вклучена и самата трговија со нафта.
Дополнително, двајцата министри се согласија дека главното решение за проблемот со нелегалната миграција е заштита на надворешните граници и забрзување на враќањето на луѓето на кои им е одбиен азил во нивните земји на потекло.
-Нелегалната миграција ги засега сите, ни треба повеќе ред во неа, безбедноста на европските граѓани е во прашање и затоа е важно да имаме европско решение. Треба заедно да се погрижиме заклучоците од новиот антимиграциски систем да се спроведат, особено на надворешните граници. Моментално сме во преоден период кога и внатрешните граници мора да се контролираат, рече Вадефул.
Шефот на чешката дипломатија, Јан Липавски, од своја страна, рече дека Чешка добро соработува со Германија во однос на нелегалните мигранти и нема да ги врати привремените контроли на внатрешните граници, како што направи Полска денеска.
-Само заштитата на надворешните граници ќе ја спаси Шенген зоната на долг рок. Правиме сè за да им го отежниме животот на луѓето што работат од другата страна на внатрешната граница, рече Липавски.