Приштина, 28 ноември 2011 (МИА) - Двајца војници од силите на НАТО на Косово (КФОР) денеска беа повредени од огнено оружје по судирите со српски демонстранти во Северно Косово.
Судирите започнаа откако војниците на КФОР се обидоа да отстранат една од десетиците барикади, поставени од косовските Срби во јули оваа година.
Припадниците на КФОР употребија водени топови и солзавец против демонстрантите, кои го спречуваа отстранувањето на барикадата во реонот на општината Зубин Поток во северниот дел на Косово.
За инцидентот бил информиран и претседателот на општината Славиша Ристиќ, од кого КФОР побара да ги повика Србите кои се собраа утрово на тоа место да се разотидат.