
Варшава, 13 април (МИА) - Полскиот претседател Лех Качински и неговата сопруга Марија, кои загинаа во авионската несреќа кај рускиот град Смоленкс во саботата, ќе бидат погребани во 12 часот во недела во гробницата на Вавелската катедрала на замокот Вавел во Краков, во јужниот дел на земјата. Според портпаролот на полската Влада Павел Граш, семејството на претседателот го избрало токму во Вавел да биде погребана првата брачна двојка.
- Барањето за тоа беше адресирано до архиепископот на Краков, монсењор Станислав Џивиш, изјави Зджислав Сохацки, свештеник во Вавелската катедрала.
Погребот на претседателот Качински ќе се одржи во два дена. Општонародна церемонија ќе има во Варшава, на плоштадот пред споменикот на незнајниот јунак, познат како плоштад „Пилсудски“. Самото положување на посмртните останки на семејството Качински ќе се одржи во недела, изјави Јацек Сашин, заменик-директор на канцеларијата на полскиот претседател.
Во Вавелската катедрала на замокот Вавел се погребани посмртните останки на голем број кралеви и претседатели. Таму се погребани и таткото на полската независност маршалот Јозеф Пилсудски, како и генералот Владислав Шикорски, кој беше на чело на полската Влада во прогонство во Лондон за време на Втората светска војна и кој исто како и Качински загина во авионска несреќа. Шикорски загина на 4 јули 1943 година, кога авионот на британските кралски воено-воздухопловни сили со кои патуваше, се урна во морето, непосредно по полетувањето од Гибралтар.