
Будимпешта, 17 март 2011 (МИА) - Нуклеарна катастрофа во Јапонија нема да има никаков ефект на зголемувањето на радијацијата во Европа и нема потреба да се запирa работата на европските нуклеарни централи, оцени денеска директорот на унгарскиот Институт за нуклеарна наука при Техничкиот факултет во Будимпешта, Атила Асоди.
- Шест дена по хаваријата и натаму тврдам дека нема да има никакви радиоактивни последици во Европа, изјави Асоди.
Нема индикатори дека постои потреба да се запре производството на електрична енергија и покрај трагедијата во Јапонија, изјави унгарскиот нуклеарен експерт.
- Нуклеарната енергија ќе продолжи да има долгорочна улога во производството на електрична енергија, тврди Асоди.
Претходно унгарскиот министер за надворешни работи Јанош Мартоњи изјави дека Владата досега не донела никаква одлука за разгледување на рокот на траење на нуклеарната централа „Пакш“ на Дунав, во близина на границата со Хрватска.
Сепак, неизбежната одлука поврзана со нуклеарната енергија мора да биде преземена низ целиот свет, вклучително и во Унгарија, изјави министерот и повика на вонредна постапка за проценка на безбедносните услови во нуклеарната централа „Пакш“ спроведена од независни експерти.