
Рим, 31 март 2011 (МИА) - Бегствата на најблиските соработници на Гадафи повеќе ќе придонесат за неговото соборување од власт, отколку западните воени операции, изјави италијанскиот шеф на дипломатијата Франко Фратини.
Фратини, кој во понеделник ќе се сретне со високо позициониран претставник на либиските бунтовници, изјавата ја даде по веста дека либискиот министер за надворешни работи Муса Куса, кој беше еден од најблиските советници на Гадафи, избегал во Велика Британија.
-Ќе го натераме Гадафи да ја напушти власта не со воени дејствија, туку поскоро со силен меѓународен притисок за забрзување на бегствата на луѓето блиски до него, рече Фратини за телевизијата Канале Чинкве.
Овие луѓе „веќе сфатија или многу скоро ќе сфатат дека режимот е меѓународно изолиран и дека Гадафи не може да е дел од националното помирување, додаде тој.
Фратини посочи дека има блиски контакти со бунтовниците во Либија и дека во понеделник во Рим ќе разговара со нивниот претставник одговорен за надворешните работи Али Есави.
Италијанскиот шеф на дипломатијата ја повтори позицијата на неговата земја дека Гадафи треба да замине во прогонство и ја повика Африканската унија да најде држава која ќе му даде азил.