Рим, 16 ноември 2011 (МИА) - Новиот премиер на Италија, поранешниот еврокомесар Марио Монти го соопшти составот на новата влада, соопштија западните агенции.
Во новата влада Монти освен премиер ќе биде и министер за економија.

Претседателот и генерален директор на „Интеза Санпаоло“, Корадо Пасера, ќе биде министер за инфраструктура, економски развој и транспорт. „Интеза Санпаоло“ е втората најголема банка во Италија, потсетуваат агенциите.
Министер за внатрешни работи е Ана Марија Канчелиери, а за правда Паола Северино, соопшти весникот „Кориере дела сера“.
Прв дипломат на Италија ќе биде Џулио Терци ди Сант'Агата.
Министер за одбрана е адмирал Џанпаоло ди Паола.
Министер за земјоделие е Марио Катанија, за животна средина Марио Клини, за труд и социјална политика Елза Форнеро.
Министерството за здравство ќе го предводи Ренато Балдуци. Министер за универзитети и за образование е Франческо Профумо, а Министерството за култура му е доверено на Лоренцо Орнаги.
Во владата има и петмина министри без портфељ.