Киев, 20 март 2014 (МИА) - Врховната рада на Украина денеска го усвои во прво читање предлог-законот со кој Крим се прогласува за „времено окупирана територија на Украина“.

Согласно документот, предложен од парламентарната група на партијата „Татковина“, под тој назив спаѓа „територијата на Автономната република Крим и градот Севастопољ, внатрешните територијални води и територијалното море на Украина, континенталниот гребен и исклучителната економска зона“.
Освен тоа, окупирана територија се нарекува исто така „подводното пространство во пределите на територијалното море и воздушниот простор, распореден над таа територија“.
За граѓаните на Украина, странците и лицата без државјанство, влегувањето во времено окупираната територија и излегувањето од неа се дозволува само со специјална дозвола“, се наведува во предлог-законот.
Тој предвидува забрана за извршување на „времено окупираната територија“ на секаква „економска дејност, ако таа подлежи на државна регулација, како и увозот и извозот на стоки со воена и двојна намена, секаква транспортна дејност, користење на природните, финансиски, кредитни ресурси и вршење на парични трансфери“.
Документот ќе биде разгледан на второ читање на 25 март.