
Варшава, 19 април 2014 (МИА) - Европската унија подготвува нов пакет на санкции кон Русија, кои би биле воведени во случај на ескалација на состојбата во Украина, изјави еврокомесарот за буџет Јануш Левандовски во интервју за полско радио.
- Европа внимателно го следи развојот на настаните во Украина и ја разгледува можноста за воведување нови санкции, нагласи Левандовски во синоќешното интервју.
Според него, како што јави ИТАР-ТАСС, овие нови санкции дополнително би ја погодиле руската економија и нејзините активи.
- Би било подобро ако се мине без санкции, бидејќи Европа излегува од криза и секој притисок врз економските интереси може само да го успори тој процес, дополни Левандовски.
Тој потенцира дека Брисел прави се што е во негова моќ уште на почетокот на мај да бидат исплатени првите средства од макроекономската помош на ЕУ за Украина, која вкупно изнесува 1,61 милијарди евра.
- Можно е во текот на мај или јуни на Украина да и бидат доделени средства и во рамки на политиката за добрососедство, нагласи Левандовски.