Париз, 4 април 2015 (МИА) - Втората црна кутија на Ербасот А320 на Џерманвингс кој се урна во Француските Алпи пред десетина дена потврди дека копилотот намерно го уништи авионот, со што ја предизвика својата и смртта на сите 149 патници и членови на екипажот, јавува дописникот на МИА од Париз.
Ова е потврдено од Бирото за истраги и анализи за безбедност во Цивилната авијација (БЕА).
„Првото читање на податоците на црната кутија (на која беа снимени параметрите на летот), покажува дека пилотот кој се наоѓаше во пилотската кабина, го искористи автоматскиот пилот за да го наведе авионот да се спушти на само 100 фита, односно само 30 метри височина, притоа на повеќе пати при спуштањето на авионот, пилотот ја промени брзината на спуштање на автоматскиот пилот за да го забрза спуштањето на авионот“ – назначи БЕА.
Втората црна кутија беше пронајдена вчера во еден од доловите на местото каде се сруши авионот.