Deutsche Welle

Како да се победи стигмата против носителите на ХИВ вирусот?

Во Македонија вкупно 258 лица живеат со ХИВ /СИДА од нив 179 се болни од СИДА а останатите се ХИВ позитивни. Институтот за јавно здравје на РМ соопшти дека годинава се регистрирани 19 нови случаи на ХИВ /СИДА.



Се претпоставува дека најмалку едно од три лица од вкупно 2,5 милиони луѓе кои живеат со ХИВ во Европа не се свесни за својот ХИВ статус. Половина од оние луѓе што живеат со ХИВ се дијагностицирани доцна, со што се доцни со пристапот до терапијата, грижата и поддршката. Статистиката покажува дека мора да се направи повеќе во охрабрувањето на поединците да направат ХИВ тест, како и да се подобри пристапот до ХИВ тестирање за сите. Особено важно е што е можно поскоро луѓето што биле изложени на ризик да го дознаат својот ХИВ статус.

„За потсетување во Македонија првиот ХИВ позитивен случај беше регистриран 1987, две години подоцна е регистрирано првото лице заболено од СИДА, а во 1989 година почина првото лице од оваа болест. Годинава, до 25 ноември во Институтот за Јавно здравје се регистрирани 19 случаи на ХИВ /СИДА. Четри од нив имаат СИДА останатите се ХИВ позитивни, а годинава само едно лице починало од СИДА . Од 19 ново евидентирани има само една жена ,а дури 15 од нив се на возраст меѓу 20 и 39 години. Најмногу нови случаи – 8 се од Скопје, 3 лица се од Тетово, по две лица се од Битола и Кавадарци и по едно ново регистрирано лице живее во Куманово, Гевгелија, Берово и Дебар. Неуморната статистика покажува дека во Скопје со ХИВ /СИДА живеат дури 117 , во Тетово 26, Куманово 15, Прилеп 10, Охрид 9 и во Кичево 8 лица“, вели д-р Јованка Стурлакова – Коровешоска од регионалниот Центар за јавно здравје во Охрид. Таа признава дека скриената бројка насекаде низ Македонија е далеку поголема и апелира населението да го отфрли срамот и стравот и да го провери својот ХИВ статус.

Се спроведе Европската недела на тестирање за ХИВ

Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување ХЕРА од Скопје и годинава се приклучи на Европската недела на тестирање за ХИВ која траеше од 20 до 27 ноември. Тоа е заедничка акција на повеќе од 400 организации ширум Европа, кои работат на превенција и грижа за ХИВ. Целта на оваа акција е преку обединување на организациите низ Европа да се зголеми свеста за придобивките од ХИВ тестирањето, што ќе овозможи што повеќе луѓе да добијат информации за превенција од ХИВ, да го дознаат својот ХИВ статус и да им биде овозможен пристап до терапија, грижа и поддршка. Мотото на годинешната акција беше: ТЕСТИРАЈ – ЛЕКУВАЈ - ПРЕВЕНИРАЈ. Здружението „Опција “ од Охрид, Светскиот ден на борба против ХИВ/СИДА традиционално веќе 6 години го одбележува со активности насочени кон целната група со која работи, но и со општата популација на локално ниво, ни рече социјалниот работник Јулијана Настоска:

„Годинава, одлучивме акцент да ставиме на сексуалните работници и

Д-р Јованка Стурлакова – Коровешоска

корисниците на дрога во Охрид и Струга. Ќе се презентира едукативен филм за ХИВ вирусот, начинот на пренесување, симптомите, дијагностицирањето, лекувањето, и она што е најважно – превенцијата. Во текот на денот и на целата недела, целната група ќе може да изврши бесплатно, доверливо и анонимно советување и тестирање за ХИВ, активност која ќе ја води медицинската сестра и теренскиот работник кој е сертифициран едукатор за ХИВ/ СИДА и долгогодишен советувач во мобилното возило за ХИВ тестирање низ Македонија. За многу кратко време клиентот го дознава својот ХИВ статус, а при тоа не мора да поминува низ бирократските лавиринти во медицинските установи, соочувајќи се со стигма и предрасуди од страна на поединци - вработени во тие установи. Искуството на тимот на „Опција“ покажува дека со овие тестирања до сега не сме откриле лице кое е заболено од ХИВ вирусот, што претставува позитивен пример за тоа колку се информирани, едуцирани и свесни целните групи за ризикот од ХИВ. Но ова не смее да не остави рамнодушни, напротив треба да не мотивира, така да биде и во иднина. Едукацијата е најдобрата превенција“, потенцира Настоска.

Носителите на ХИВ вирус не се оставени сами на себе имаат Здружение

Здружението „Заедно сме посилни“ од Скопје во 2009 година започна во рамките на ХЕРА, а од крајот на 2013 година е самостојно, вели проектниот асистент Симона Атанасова . „Ние сме организација на заедницата на лицата коишто живеат со ХИВ моментално броиме околу 30 членови – лица со ХИВ и нивни блиски поддржувачи , а организирани сме на тој начин на членството да му понудиме психо-социјална и правна поддршка на лицата, а нудиме и поддршка на обучени советувачи, лица со ХИВ кои им нудат совети на ново дијагностираните или на луѓе со ХИВ кои имаат потреба од совет и искуство. Процесот на доаѓањето на луѓе со ХИВ до нас е преку советувалиштето за ХИВ и СИДА на Клиниката за инфективни болести со чиј тим имаме одлична соработка. По тестирањето во клиниката најчесто социологот или лекарот ги охрабруваат луѓето да ни пристапат и така не поврзуваат. Откако ќе дојдат им помагаме во однос на изборот на ХИВ терапијата, како да им го соопштат ХИВ статусот на своите најблиски или партнерот, како да постапат во случај на дискриминација, доколку се случи да бидат одбиени од здравствена услуга или ако бидат отпуштени од работно место“, додава Атанасова.

Стигмата од околината е најсилна – дали попушта?!

Од „Заедно сме посилни“ лани правеле истражување и со луѓето со ХИВ /СИДА , според податоците никој од носителите на ХИВ не го споделува со никого својот ХИВ статус . Околу 40 проценти го споделуваат само со едно до три лица, од коишто едно лице е матичниот лекар, затоа што мораат да му соопштат поради здравствената состојба.



Социјален експеримент во рамките на кампањата „Заедно сме посилни“

„Деновиве правевме социјален експеримент во рамките на годинешната кампања. Во градскиот парк во Скопје во еден од подвижните кафе барови поставивме еден актер кого го изнајмивме којшто носеше блуза на која пишуваше: - Јас сум ХИВ позитивен. Со скриени камери снимавме како луѓето ќе реагираат кога тој ќе им го подаде кафето, а на блузата пишува дека има ХИВ. За уште повеќе да ја зачиниме ситуацијата ангажиравме и актерка која која беше меѓу луѓето и која креваше врева и ги опоменуваше луѓето, како и зошто купуваат кафе од кај тој човек, дека треба да внимаваат да не им се пренесе вирусот и ред други зборови. Буквално ги пренесуваше сите стереотипи кои се’ уште постојат во општеството. За наше големо изненадување скоро сите реакции од луѓето кон момчето (глумец) кое преку блузата призна дека има ХИВ беа позитивни. Луѓето го бранеа нашиот најмен шанкер, а на девојката – актерка луѓето и порачуваа да не паничи и да биде и таа претпазлива. Но ова беше само дводневен кус експеримент и не можеме да кажеме дека нема стигма во општеството , кога целосно не е така. Се случува доктори да им откажат преглед на наши членови со ХИВ или да го разгласат нивниот статус,“ објаснува Атанасова.

Заедно посилни“ ќе отворат социјално претпријатие

„Моментално развиваме идеја за социјално претпријатие. Сакаме да отвориме наше претпријатие во кое би се вработувале луѓе кои што живеат со ХИВ или се засегнати од ХИВ. Така ќе им овозможиме да работат во средина во којашто нема да бидат дискриминирани осудувани. Профитот кој ќе биде заработен самите вработени ќе одлучат за што ќе биде наменет. Засега имаме поддршка од Град Скопје но работиме да добиеме поширока поддршка за да ја реализираме оваа идеја. Истовремено го следиме процесот на набавка на лекови. Во Македонија дефенитивно има подобрување во набавките и во квалитетот на терапијата и пред две години вкупниот фонд од 6 беше зголемен на 18 милиони денари и се набавени поквалитетни лекови. Но реално лековите коишто се користат на Запад кај нас се’ уште ги нема, но и овие што се во употреба на пациентот му овозможуваат долг и квалитетен живот, сметаат стручните лица. Терапијата за ХИВ, исто така, значително ја намалува веројатноста за понатамошен пренос на ХИВ,“ вели Атанасова.

Добро упатените токму на денот на борбата против сидата потсетуваат: „Не велете „СИДА“ кога мислите на „ХИВ“ ... Не велете „смрт од СИДА“, туку „смрт од болест поврзана со СИДА“ ... Не велете „жртва на вирусот“, „жртва на СИДА“, „ХИВ-заразени“ или „заразени со СИДА“ - туку: луѓе што живеат со ХИВ“.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Невработена службеничка го прашува директорот:
- Кои се условите да станам ваша секретарка?
- Многу едноставни: сакаш или не сакаш?
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
885.- Во Моравија умре Методиј Солунски, постар...
1587.- Британската флота под команда на адмирал...
1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски...
1775.- Американската војна за независност почна...