Скопје, 16 ноември (МИА) - Република Македонија останува активно вклучена во разговорите што се водат под покровителство на ОН и покрај максималистичките позиции на Грција и очекува од Атина да се придржува до одредбите од Времената спогодба и да не ја попречува нејзината евроатлантска интеграција.
Ова е заклучокот од вечерашната средба на државниот врв на која македонскиот претставник во разговорите за името амбасадорот Зоран Јолевски го информираше за максимилистичките позиции на грчката страна кои му биле претставени на посредникот Метју Нимиц на последната средба во Њујорк.
- Во духот на Времената спогодба и почитувајќи ги нејзините норми, Република Македонија и натаму ќе остане активно вклучена во овој билатерален дијалог кој се води под покровителство на ОН. Очекуваме дека нашиот јужен сосед ќе се придржува до нормите на Времената спогодба и до мандатот што го има посредникот Нимиц и врз основа на кој може да одредува определени динамики и отвора дискусии за одредени прашања. Во исто време сметаме дека со почитување на Времената спогодба Владата во Атина ќе посвети доволно внимание и на нејзините норми и одредби што се однесуваат на поддршката на нашата држава кога станува збор за евроатланските интеграции, во меѓународните организации и институции каде Република Грција веќе е членка, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по средбата на државниот врв.
Тој потенцира дека максималистичките позиции на Атина не биле големо изненадување за македонската страна, затоа што досега на еден или друг начин биле наговестувани. Сега, оцени Милошоски, се само поексплицитно и поофицијално соопштени.
- Но, можеби во македонската јавност се создаде едно чувство на изненаденост, повеќе затоа што одредени опозициски политичари со нивните манипулативни настапи создадоа погрешно чувство и очекувања во однос на прашањата поврзани со македонскиот идентитет, со националноста на македонскиот народ и други сегменти кои што се дел од овие максималистички позиции, истакна министерот Милошоски.
Тој најави дека амбасадорот Јолевски во наредните денови ќе биде на располагање на релевантните политички партии и нивните политички првенци кои сакаат да ги извести непосредно за најновите случувања. -Сметам дека тоа ќе биде една добра прилика за секој еден сериозно заинтересиран политичар во Република Македонија да ги слушне од прва рака најновите информации кои може да ги соопшти Јолевски по неговите средби во Њујорк, додаде министерот Милошоски.
На средбата присуствуваа претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и вицерпремиерот за имплементација на Рамковниот договор Абдилаќим Адеми.
Грција, како што објавија медиумите по последните средби на медијаторот Метју Нимиц со претставниците на двете земји Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис во Њујорк, освен сложено име што според неа би требало да биде „Република Северна Македонија“ или „Република Нова Македонија“, побарала тоа да се користи во меѓународните односи, но и за внатрешна употреба, како и во комуникацијата со 127 земји кои веќе ја признаа Република Македонија под уставното име. Новата грчка Влада, меѓу другото, бара и додавката „северна“ или „нова“ на името да се користи и при именувањето на македонската нација, потоа употреба на грчки наместо македонски топоними за села и градови во Грција, како и менување на сегашниот меѓународен код и интернет домеин МК.