Скопје, 21 ноември (МИА) -
Со вакцинација на лекарите и медицинските сестри од Инфективната клиника во Скопје, денеска почна имунизацијата против новиот грип А (Х1Н1) во Македонија. Првите 5.000 вакцини против новиот грип од производителот „Новартис“ пристигнаа вчера во Македонија како донација од Турција.
Поради изложеноста на ризик од новата болест и за да дадат пример вакцината први ја примија директорот на Инфективната клиника во Скопје и претседателот на Комисијата за пандемиски грип. Министерот за здравство Бујар Османи не прими вакцина, поради нивниот ограничен број и тоа ќе го направи откако ќе пристигне нова, поголема количина вакцини.
- Имаме ограничена количина вакцини која е наменета само за здравствените работници кои директно се изложени на пациенти. Јас би сакал да се вакцинирам, но ќе оставам заедно со граѓаните, кога ќе стигнат во поголема количина, изјави министерот Османи во Градскиот завод за здравствена заштита.
Тој повторно апелираше до граѓаните за какви било симптоми прво да се јават кај матичниот лекар, а потоа ако има потреба во Инфективната клиника или во Воената болница. Лабораториски ќе се проверуваат само потешките случаи.
- Тоа се препораки на Светската здравствена организација и тоа е одлуката на Комисијата за пандемски грип. 99 отсто од пациентите позитивни на грип се заболени од новиот грип и затоа нема потреба лабораториски да се потврди секој случај, туку тешки случаи, т.е. пациенти кои спаѓаат во ризични групи, истакна Османи.
Претседателката на Комисијата за пандемиски грип Јованка Костовска по вакцинирањето изјави дека вакцината превентивна мерка и оти е безбедна.
Според најновите информации од СЗО, вакцината е безбедна исто колку што е безбедна и вакцината против сезонскиот грип. Треба да ја примаат оние кои се целосно здрави, контраиндицирана е кај лица алергични на јајца бидејќи во процесот на производството се користат јајца. Како и кај вакцината за сезонскиот грип, и од вакцината против новиот грип несакани ефекти се црвенило и оток околу местото и можни симптоми на грип.