
Скопје, 10 мај 2012 (МИА) - Премиерот Никола Груевски испрати писмо до лидерите на државите - членки на НАТО, во кое бара на агендата на самитот во Чикаго да се стави барањето за прием на Република Македонија.
- Она што создава чувство на непотполност е фактот, кој со жалење можам да го констатирам, дека во агендата не се предвидува дискусија по прашањето за проширување на Алијансата. Процесот на проширување на Алијансата е неопходно да продолжи, бидејќи, со тоа несомнено ќе се придонесе кон зајакнување на стабилноста, просперитетот и демократијата во Југоисточна Европа. Во изминатите години, Република Македонија ги исполни сите потребни критериуми за членство во НАТО, што беше констатирано на минатиот самит во Букурешт. Ние се докажавме како рамноправен партнер на Алијансата, активно придонесувајќи во реализацијата на меѓународните мировни мисии предводени од НАТО, особено мисијата ИСАФ во Авганистан, каде што сме рангирани како еден од најголемите контрибутори по глава на жител. На тој начин, Република Македонија покажа дека може да ги презема обврските од членството во Алијансата, партиципирајќи во унапредувањето на колективната безбедност и изградбата на слободни и демократски општества, пишува во писмото на премиерот Груевски.
Во писмото до лидерите на државите членки на НАТО, Груевски потенцира дека Македонија поминала веќе 13 циклуси од Акциониот план за членство во НАТО и дека земјата ги исполнила сите критериуми за членство. Груевски порачува дека и политичката волја во Македонија е потврдена, со неодамнешната Декларација за реафирмирање на реализацијата на стратешката цел за членство на Република Македонија во НАТО усвоена во Собранието.
- Токму од овие причини, сметам дека актуализирањето на поканата за членство во НАТО на претстојниот самит во Чикаго ќе претставува логичен исход на сработеното од страна на Република Македонија и вреднување на нашите заложби, придонеси и аспирации, стои во писмото.
Премиерот Груевски, во писмото до лидерите на членките на НАТО, се осврнува на противењето од страна на Република Грција на македонското членство.
- Како што знаете, во Букурешт не ја добивме поканата за полноправно членство заради противењето на нашиот сосед, Република Грција, која го попречи нашиот прием заради еден билатерален спор кој го има со нас, а кој никако не е, и не може да претставува легален услов за членство во Алијансата. Констатација за нелегално попречување на нашето членство, и своевидна сатисфакција за неправдата која ни беше нанесена на самитот во Букурешт, се постигна со пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг од декември 2011 година, и со препораките од таа пресуда. Со оваа пресуда, Судот јасно и недвосмислено потврди дека Република Грција постапила спротивно на член 11 став 1 од Времената спогодба кога издејствува попречување на Македонија за членство во НАТО, односно, заземениот став на Алијансата за прием на Република Македонија во членството по надминувањето на спорот со Грција, бил донесен како резултат на претходно нелегално дејство на Грција. Судот зазема став дека Република Македонија во целиот овој период постапувала со добра волја во надминувањето на спорот со Република Грција, и, исто така, зазема став дека овој спор не претставува и не треба да се гледа во корелација со зачленувањето на мојата земја во меѓународните организации, како што е НАТО. Судот истакна дека водејќи се според оваа пресуда, Грција не би требало да го продолжи попречувањето на членството на Република Македонија во меѓународната организација под референцата на ООН, пишува премиерот Груевски.

Во писмото се истакнува дека пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг, суд основан од страна на Обединетите нации со задача да го чува меѓународното право, треба да биде разгледана на самитот во Чикаго, како и да им се даде можност на претставниците на Република Грција да се изјаснат по неа.
- Ова нè мотивира да истакнеме дека е рационално, исправно и правично, заклучокот донесен во Букурешт, кој се однесува на нашето зачленување, да биде коригиран, а притоа да се искористи правната сила на хашката пресуда и светлото кое му се придава на ова прашање. Би сакал да истакнам дека Вашата поддршка на оваа легитимна аспирација на мојата земја и на огромното мнозинство граѓани, ќе биде од големо значење и за нашиот, но и за општиот интерес на Алијансата. Водејќи се од принципите, се надевам дека пресудата на Судот нема да остане само морална сатисфакција за Република Македонија, односно нема да биде игнорирана од страна на земјите членки на НАТО. Свесен сум дека држењето до овие принципи не е секогаш лесно и може да предизвика непријатности меѓу сојузниците и партнерите. Но, сепак, принципиелноста е таа која што нè држи исправени пред предизвиците и ни помага да не го изгубиме тлото под нозете во овие турбулентни времиња. Инсистирањето на солидарност лишена од принципи, ја става на преден план силата како единствен чинител на дејствување. Оттука, потребно е да се покаже поголемо разбирање за ситуацијата пред која е исправена Република Македонија, која е условувана за добивање на покана од една земја членка и покрај исполнувањето на сите неопходни услови и стандарди кои што од нас беа побарани. Потребно е да се преиспитаат постојните позиции во однос на членството на Република Македонија во НАТО и истовремено да и се даде можност на Грција да се изјасни за согласноста од почитување на пресудата на Меѓународниот суд на правдата, наведува претседателот на македонската Влада.
Во заклучокот на писмото, премиерот Никола Груевски оценува дека членството на Република Македонија во НАТО ќе биде од корист за стабилноста, безбедноста и просперитетот во регионот, но истовремено ќе поттикне создавање поволна клима на доверба меѓу Република Македонија и Грција и може да претставува позитивен притисок за интензивирање на меѓусебните разговори за изнаоѓање на заемно прифатливо решение за спорот за името.