Не би сакал да навлегувам во деталите, ниту да влијаам на постапката. Знам дека има предмет во Државната комисија за спречување на корупцијата, се работи на него и ги оставам службите да си ја завршат својата работа, рече денеска директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев.
Одговорајќи на новинарски прашања по промоцијата на документите „Национален концепт за полициско работење во заедницата“ и „Национален прирачник за полициско работење во заедницата“, Јанев изрази надеж дека тие што изнесуваат невистини ќе се извинат.
-Знам дека има предмет во ДКСК. Се работи на него и ги оставам службите да си ја завршат својата работа. Се надевам дека тие што изнесуваат невистини и лаги ќе имаат доблест да се извинат, истакна Јанев.
По информациите објавени во неколку медиуми и поднесената анонимна претставка до ДКСК, СДСМ го доведе во прашање назначувањето на Јанев за директор на Бирото за јавна безбедност поради, како што наведе, основани сомнежи за незаконитост на неговата диплома за магистерски студии на Универзитетот во Скопје.