На Мохамед Азиз Кадир му биле потребни месеци за да стигне до Европа, а сега сака да се врати назад. Патот бил мачен, долг и неизвесен. Кога Мохамед конечно стигнал до посакуваната цел, бил сместен во камп за бегалци во близина на Берлин. Неговата приказна е една од многубројните разочарувачки, кои ирачките Курди ги доживуваат откако доаѓаат до одредено место.
Од курдската заедница дури 25.000 луѓе тргнале на пат до Европа. Сепак, многумина сметаат дека тоа било грешка.

- Кога конечно стигнав во кампот кај Берлин, бев шокиран од разликата во однос на она што го очекував. Не нè почитуваа. Кога одев до центарот на градот, сите не третираа како бегалци и нè покажуваа со прст, вели Мохамед.
Само минатата недела е организиран лет за 50 Курди, кои се вратиле во градот Ербил, каде што живееле пред да заминат за Европа. Мохамед зборува дека имал сон да отвори пицерија и на неговото семејство да му праќа пари. Сепак, тврди дека за два месеци во кампот се изнагледал многу работи: Храната била ограничена на два оброка дневно, а навечер се воведувала забрана за движење како да имало полициски час.
- Сфатив дека во Ирак е многу подобро отколку тука. Логично беше да се вратам во Ербил.

Слична приказна имал и Наваф Алијас, кој одлучил да се врати во Ердил, иако за разлика од Мохамед, веќе немал куќа. На шверцерите им платил 20.000 долари да го префрлат него и неговиот син во Германија. По неколку недели стигнале до одредиштето и биле сместени во мала соба со уште двајца азиланти.
- Германската влада ни даде 540 евра за мене и за синот, но тоа не беше доволно. Син ми беше исплашен и тажен бидејќи во Ирак му останаа сите пријатели. На крајот одлучив сепак да се вратиме дома, па макар и да живеам во еден шатор. Навистина беше добро како моите од селото ме дочекаа. На сите им беше драго што не гледаат. Вечерта долго седевме, пиевме и зборувавме што сè ни се случи на патот кон Европа. Сепак, некои работи немаат цена, изјавил Наваф.