
Лондон, 16 март 2011 (МИА) - Јапонија уште пред две години била предупредена од меѓународен инспектор по нуклеарна енергија, околу безбедноста на нејзините нуклеарни централи, во случај на силни земјотреси, открива Викиликс, објавувајќи една телеграма на американските дипломати во Токио.
Како што јави дописникот на МИА од Лондон, овој функционер на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), чиј идентитет не се објавува, оценил дека јапонските „нуклеарки“ не се оспособени да издржат посилни земјотреси и дека при еден потрес од катастрофални размери ќе се појават „сериозни проблеми“ со атомските централи во оваа земја.
Владата во Токио ветила дека ќе изврши сеизмичко надградување на сите јапонски централи на нуклеарен погон, но по случувањата со земјотресот што се случи изминатиот петок во североисточна Јапонија, се стравува дека владата не го исполнила ветувањето.
Нуклеарката „Фукушима“ е проектирана и оспособена да издржи силен земјотрес и од седум степени според Рихтеровата скала, но поместувањето на тлото во петокот имаше силина од речиси девет степени, што е еден од шесте насилни земјотреси во историјата.
Откритието на Викиликс се поврзува за состанокот на земјите од групата Г-8 во Токио во декември 2008 година, за време на кој се состанала групата за нуклеарна безбедност, по која дипломатите на САД го известиле Вашингтон за состојбата околу издржливоста на јапонските нуклеарни централи во случај на посилни земјотреси.
Јапонија е една од земјите која е изложена на чести и силни поместувања на тлото, па таа има мошне строги прописи за сеизмичко градење. Лондонски „Дејли телеграф“ кој пишува дека ја видел телеграмата на американските дипломати, забележува дека ова откритие ќе го зголеми притисокот врз јапонскиот премиер Наото Кан.
Тој е веќе остро критикуван во домашната јавност за забавената реакција по оштетувањата во нуклеарните централи во зоната на земјотресот и на заканата од нуклеарна експлозија и контаминација од несогледливи размери.