Токио, 16 март 2011 (МИА) - Високото ниво на радијација не дозволува на хеликоптер на јапонските сили за самоодбрана да го полее со вода Третиот реактор на „Фукушима 1“ во североисточниот дел на Јапонија.
Јапонските медиуми во меѓувреме објавија преглед за шесте реактори на нуклеарната централа „Фукушима 1“ и четирите реактори на „Фукушима 2“ во префектурата Фукушима, 220 километри северно од Токио, кои се оштетени минатиот петок во разорниот земјотрес од 9 степени и подоцна од брановите цунами.

Централа „Фукушима 1“
- Реакторот број 1 - Прекин на ладењето, делумно топење на јадрото, испушта пареа, зградата оштетена во саботата од експлозија на водород, се впумпува морска вода заради ладење.
- Реакторот број 2 - Прекин на ладењето, се впумпува морска вода, шипките на гориво времено целосно изложени, испушта пареа, зградата оштетена во понеделникот од експлозија во реакторот број 3, оштетен дел од реакторот во вторникот, се стравува од можно топење на јадрото.
- Реактор број 3 - Прекин на ладењето, се стравува од делумно топење на јадрото, се впумпува морска вода, зградата оштетена во понеделникот од експлозија на водород, високо нивоа на радијација измерени во близина во вторникот. Чад забележан денеска, веројатно од оштетување на дел од реакторот.
- Реактор број 4 - За време на земјотресот бил во фаза на ремонт, во вторникот изби пожар веројатно предизвикан од експлозијата на водород во базенот со искористени шипки, нивото на водата во базенот не е познато, денеска забележан пожар во зградата со реакторот, не успеало со впумпување на вода да се олади базенот.
- Реактори број 5 и 6 - Во фаза на одржување во време на земјотресот, температурата малку расте во базените со искористено гориво.

Централа „Фукушима 2“
- Реактор број 1, 2 и 4 - Прекинато ладењето, потоа ладно изгаснати.
- Реактор број 3 - Ладно изгаснат.