Токио, 16 март 2011 (МИА) - Разурнувачкиот земјотрес и се полошата нуклеарна криза во Јапонија можат да резултираат со загуби од дури 200 милијарди долари за оваа трета по големина светска економија, но пет дена по катастрофата и натаму е тешко да се процени штетата по глобалната економија, се наведува во денешната најнова проценка на светските економисти.
Аналитичарите оценуваат дека во следните неколку месеци значително ќе опадне јапонското производство, но може да дојде до уште поголем пад доколку рестрикциите на електричната енергија бидат пообени и подолги, што може да го одложи или дури и да го загрози драстичното заздравување какво што следеше по земјотресот во Кобе во 1995 година, пренесоа агенциите.

Повеќето стручњаци веруваат дека директната економска штета ќе изнесува дури 10 до 16 билиони јени (125 до 200 милијарди долари), што може да резултира со пад на јапонскиот бруто домашен производ во второто тримесечје од оваа година, а потоа и со нагло заздравување во втората половина на 2011 година, кога вложувањата во обновата на земјата треба да го поттикнат економскиот раст.
-Економската штета од катастрофата ќе биде огромна. Дојде до значителни губитоци на економските ресурси, а стопанската активност во текот на следните недели, па дури и месеци, ќе биде нарушена заради оштетувањата на инфраструктурата и последиците од неа, како што е недостигот од електрична енергија, се наведува во извештајот на американската инвестициска банка „ЈП Морган“.