
Силите на либискиот лидер Моамер Гадафи кои влегоа во источните квартали на градот Бенгази пробивајќи ги одбранбените линии на бунтовниците, денеска го бомбардираат западниот град Зинтан.
Се соопштува дека стотици луѓе го напуштаат Бенгази. По улиците се водат борби и ракетиран е штабот на локалниот Комитет за одбрана. Според очевидци, има експлозии во регионот каде се наоѓа зградата на Преодниот национален совет.
Во меѓувреме, американскиот претседател Барак Обама го предупреди Гадафи да ги почитува барањата на Обединетите нации за воспоставување примирје и дека во спротивно ќе се соочи со последици кои вклучуваат воена акција.
- САД нема да распоредуваат копнени сили во Либија и нема да користат сила која ќе го наруши постигнувањето на презицно дефинираната цел, а тоа е заштита на цивилите во таа земја, рече Обама.