
Триполи, 11 април 2011 (МИА) - Либискиот лидер Моамер Гадафи го прифати планот за ставање крај на вооружениот конфликт во оваа земја, предложен од страна на Африканската унија, изјави претседателот на Република Јужна Африка Џејкоб Зума.
Зума, кој заедно со уште четворица јужноафрикански лидери денеска разговараше со Гадафи во Триполи, го повика НАТО да ги запре воздушните напади на владини цели со цел да овозможи воспоставување на примирје.
Не е познато што предвидува планот на Африканската унија кој беше претставен на либискиот лидер.
Бунтовничките сили досега во повеќе наврати истакнаа дека нема да прифатат ништо поинакво од ставање крај на повеќедецениското владеење на Гадафи, а додека либиските претставници истакнуваат дека Гадафи нема да се повлече.
- Делегацијата на братот лидер Гадафи ја прифати агендата што ја претставивме. Мораме да дадеме можност за примирје, изјави Зума.
Тој истакна дека делегацијата на Африканската унија ќе се сретне и со претставници на бунтовниците во Бенгази.
- Делегацијата во понеделник ќе продолжи со работа, ќе се сретне со другата страна, ќе разговара со сите и ќе претстави политичко решение за проблемите во Либија, изјави претседателот на Република Јужна Африка.