
Берлин, 14 април 2011 (МИА) - Американскиот државен секретар Хилари Клинтон денеска изјави дека НАТО е единствен во напорите да се стави крај на владеењето на либискиот лидер Моамер Гадафи, додека членките на Алијансата се соочуваат со поделба околу воената кампања во оваа северноафриканска земја.
Клинтон, која пред почетокот на дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО во Берлин се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел, изјави дека Алијансата има заедничка цел да се стави крај на режимот на Гадафи во Либија и да се придонесе на што е можно повеќе начини за оваа цел да се постигне.
Истовремено, анонимен американски службеник кој пристигна во Берлин заедно со американскиот државен секретар се обиде да ги намали поделбите во рамките на Алијансата во однос на странската воена интервенција во Либија.
- Не мислам дека постои поделба, изјави службеникот, истакнувајќи дека воените команданти во Либија се уште немаат побарано повеќе воени капацитети и дека учесниците на дводневниот состанок на НАТО во Берлин ќе постигнат консензус за целта на воената кампања во оваа северноафриканска држава.