
Триполи, 15 април 2011 (МИА) - Барањето на Западот лидерот на Либија Моамер Гадафи да си поднесе оставка „ е навреда за сите Либијци“, изјави денеска неговата ќерка Ајша, откако светските лидери повторно го повикаа да си замине од власта.
-Да се зборува за оставка на Гадафи е понижување на сите Либијци, бидејќи Гадафи не е во Либија, туку во срцата на сите Либијци, изјави Ајша во резиденцијата на либискиот лидер во Триполи, обраќајќи им се на неколкуте стотици млади приврзаници.
-Сакате да го убиете мојот татко, претварајќи се дека ги штитите цивилите. Каде се тие цивили? Дали се тоа луѓето кои носат митралези, гранати, рачни бомби?, запраша Ајше, говорејќи за воздушните напади на западната коалиција, пренесуваат западните агенции.
Велика Британија, Франција и САД вчера соопштија дека е незамислива иднината на Либија со Гадафи и дека тоа ќе претставува „неоправдано предавство“ на остатокот од светот.
Со денешното собирање на младите пред резиденцијата на Гадафи се одбележа 25-годишнината од американското бомбардирање на големиот комплекс, во кој се наоѓа и воена касарна.