
На конференција во Брисел, министерот за одбрана на САД Роберт Гејтс изјави дека Атлантски сојуз е поделен помеѓу луѓе кои сакаат да водат војна и оние кои се заинтересирани само да преговараат за одржување на мирот, пишува весникот „Гардијан".
Според мислењето на Гејтс тоа може да доведе до распад на 60-годишната унија, чија иднина според него е „маглива, па дури и мрачна". Тој смета дека главна причина за расколот е финансирањето на активностите на Алијансата и потсети дека САД презеле 75% од трошоците. Гејтс отиде и подалеку истакнувајќи дека идните лидери на САД може да се откажат од учество во воениот блок.
- Идните американски лидери кои не знаат што е „студена војна", така како што јас знам, можат да одлучат дека инвестициите во НАТО се неоправдани, истакна Гејтс.
Тој, исто така го критикуваше учеството на Европа во операциите против режимот на либискиот водач Муамер Гадафи. Најмоќната унија во историјата води битка 11 недели против лошо вооружена армија. Но веќе бара помош од САД - огорчен е американскиот министер за одбрана. Според него, европските членки на Алијансата едноставно ги уживаат привилегиите, но не сакаат да инвестираат во развојот на организацијата. Како пример тој посочи дека во март сите 28 членки на НАТО гласале за операцијата во Либија, а само половина од нив учествуваат и помалку од една третина воопшто биле подготвени да земат учество.
- Искрено, изјави Гејтс, многу сојузници се држат настрана не затоа што не сакаат да учествуваат, туку само затоа што не можат. Тие немаат воена моќ.
Конгресот на САД може да го загуби трпението и да одбие да ги троши парите на народот на овој начин, заклучува Гејтс, кој по три недели ја напушта функцијата.
На почетокот на мај Пентагон објави дека САД веќе потрошиле 750 милиони долари за операцијата во Либија.