
Ништо подобро не може да ја долови атмосферата со која ги дочекавме нашите херои, од говорот на нивниот тренер и водич Марин Докузовски.
- Вчера по поразот од Русија ни беше многу тешко. Имавме болка во срцето зашто не го освоивме медалот, но сега кога ве видовме тука со поддршката што ни ја давате, колку нè почитувате, не ни треба медал, вие сте нашиот медал! Сега и да ни го даваат не го сакаме, вас ве сакаме! Нема да ве разочараме и понатаму ќе победуваме за вас, емотивно и гордо пред толпата од весели лица изјави селекторот Докузовски.
Уште еден трогателен момент кој не можеме, а да не го споменеме, е изјавата на Владо Илиевски која гласи:
- Овој пат нема да кажам „Леле луѓе што направивме“, туку „Леле луѓе, што направивте ВИЕ денеска за нас“!
Доколку бевте дел од оваа прослава знаете дека чувството не може да се опише со зборови, а за оние кои не успеаја да присуствуваат, им овозможуваме барем малку да ја почувствуваат атмосферата.