Италијанскиот фудбалски репрезентативец Лоренцо Инсиње е на излезна врата од Наполи, чиј дрес го носи од 2010 година.
Неговиот менаџер Виченцо Писакане обелодени дека Наполи му понудил намалување на плата за 50 отсто на Инсиње за да остане во клубот.
– Мојот однос со претседателот Де Лаурентис е одличен, но морам да појаснам дека понудата доаѓа со намалување на платата за 50 отсто. Јас сум менаџер и морам да го бранам капитенот во кој било момент, изјави Писакане за италијанските медиуми.
Инсиње има важечки договор со Наполи до крајот на оваа сезона и без отштета може да го напушти клубот, а веќе во јануарскиот преоден рок може да потпише начелен договор со друг клуб.