Долгиот пат, главен проблем за Барселона

Откако одиграа два натпревари во групната фаза во Лигата на шампионите, судбината реши повторно да ги спои Интер и Барселона, но овој пат во уште потежок меч, борба за големото финале, кое е сон на секој европски клуб. Домаќин на овој величествен спектакл е Џузепе Меаца, арената каде италијанскиот шампион ќе се обиде да ја сопре моќната машинерија наречена Барселона предводена од фудбалскиот бог Лионел Меси. "Нероазурите" добро се сеќаваат на првиот натпревар во Милано одигран во септември кога нивниот тим ја задржа Барса играјќи 0:0, меѓутоа таква беше нивната поставеност и амбиција. Сега тренерот Жозе Мурињо мора да најде формула со која Интер би ја разбил напаѓачката игра на Барселона и ќе тргне на голови бидејќи само така може да се надева на пат до финалето во Мадрид.

Без оглед на фантастичната историја на Интер во елитното натпреварување на Стариот континент, фактите се на страната на Барселона.

Шпанскиот тим се наоѓа во серија од 15 натпревари без пораз во сите натпреварувања од кои 11 ги добил, а посебно импресивни се реванш дуелите од осминафиналето и четвртфиналето од Лигата на шампионите против Штутгарт и Арсенал. Освен тоа Барса досега нема пораз од Интер. Од вкупно четири одиграни натпревари, двата во Милано завршиле без голови, а на Ноу Камп Барса остварила две победи без примен погодок (2:0 и 3:0). Сепак, огромен проблем за нив во пресрет на вечерашниот меч би можел да претставува уморот од исцрпувачкото патување со автобус. Поради добро познатите проблеми со авионскиот сообраќај во Европа, Барса беше принудена да отпатува со два автобуси во Милано и делницата од 985 километри ја помина во два дена, односно мина ноќ во Кан, а вчера ги помина останатите километри до крајната дестинација.

"Тоа што патуваме со автобус не може да биде оправдување за нас доколку загубиме. Ние сме професионалци и мора да парираме на секаков притисок", изјави фудбалерот од средниот ред на Барселона, Серхио Бускетс.

Интер самоуверено го дочекува својот противник, а осоколени од големиот триумф над Јувентус во петокот посакуваат да ја повторат играта од тој меч. Нивниот напаѓач Самуел Ето, кој летоска се пресели во Милано токму од Барселона, изјави дека екипата е подготвена за надигрување, а потенцираше дека без проблеми ќе го прославува евентуалниот погодокот против својот екс-клуб.

"Во фудбалот секогаш се случуваат чуда. Ние посакуваме да го исполниме сонот и смирени го очекуваме почетокот на мечот. Навистина не знам како ќе стартуваме, меѓутоа сите што ќе настапат мора да дадат се од себе за победата, па дури била и минимална. Сакам да им порачам дека со задоволство ќе прославувам доколку вечерва ја затресам мрежата на Валдес. Единствено нема да се радувам ако постигнам гол на Ноу Камп и тоа само поради почит кон навивачите", изјави Ето, кој го носеше дресот на каталонскиот клуб на 144 натпревари и притоа постигна 109 голови.

За овој меч Мурињо ќе може да смета на целиот расположив тим, меѓутоа сигурно прво што му паѓа на ум е кој да го чува Меси. Еден интересен податок говори дека Португалецот добро знае каква тактика да постави, игра која целосно ќе го неутрализира моментално најдобриот светски напаѓач. Имено, Меси нема постигнато гол на сите мечеви на кои играл против Мурињо, што само ја потврдува констатацијата на Педро, кој пред натпреварот изјави дека само Мурињо може да ја елиминира Барса.

"Мурињо е вистинскиот и можеби единствениот кој може да ја елиминира Барса. Умее силно да ги мотивира своите фудбалери и кога не очекуваш тогаш ќе ја прикажат најдобрата партија во кариерата", изјави Педро.

Нападот на "нероазурите" сигурно ќе го предводат двајцата најефикасни напаѓачи Самуел Ето и Диего Милито, а во средниот ред ќе царуваат Весли Снајдер и се подобриот Тиаго Мота. Освен тоа навивачите на италијанскиот шампион веруваат дека Мурињо е човекот кој може да го искачи клубот на европскиот трон по 1965 година па поради тоа најавија дека ќе сторат се од себе да бидат 12. играч кој ќе му помогне на тимот на вечерашниот натпревар.

Тренерот на противничката екипа, Пеп Гвардиола, нема суспендирани играчи, но затоа, пак, Андрес Иниеста и Ерик Абидал ги нема во ростерот, а во екипата по повредата се враќа Златан Ибрахимовиќ. Како и да е, Барса не знае да се брани, тоа го покажа изминатите неколку години, а тоа значи дека повторно ќе одигра отворено и на резултат, а токму ова ветува добар натпревар барем за неутралните љубители на фудбалот.

Киву ќе го одигра 400. натпревар во кариерата

ЈУБИЛЕЈ

Дефанзивецот на Интер, Кристијан Киву вечерва ќе го одигра 400. натпревар во кариерата.

Романецот ја игра третата сезона во Интер и е еден од главните играчи на левата бековска позиција. Својата фудбалска кариера ја почна во 1997 година во локалниот клуб Решита каде мина две сезони пред да се пресели во посилниот прволигаш на својата земја Универзитатеа.

Неговите перформанси не останаа незабележани од скаутите на Ајакс, кои во 1999 го донесоа во Амстердам, а потоа за 18 милиони евра го продадоа на Рома. По четири минати години во Рим, 29-годишниот фудбалер премина во Интер за кој досега одигра вкупно 88 натпревари и освои две шампионски титули.

КУРИОЗИТЕТ

Браќата Диего и Габриел Милито вечерва за првпат ќе се сретнат еден против друг во Лигата на шампионите. Двајцата играа заедно во Сарагоса пред да се разделат, во 2007 помладиот Габи замина во Барселона, а една година подоцна Диего направи трансфер во Џенова, а потоа и во Интер. Сега по три години повторно ќе се најдат заедно на теренот, меѓутоа во различни тимови. Во историјата на УЕФА натпреварувањата досега само трипати се случило браќа да играат еден против друг. Тоа се Исланѓаните Јохан и Атли Едвалдсон (Селтик-Валур) во сезоната 1974/75 во поранешниот КПК, Холанѓаните Роналд и Ервин Куман 1988 година во Супер-купот на Европа (ПСВ - Мехелен) и Норвежаните Јон Арне и Бјорн Хелге Рисе оваа сезона во Лигата на Европа (Фулам - Рома).

МЕЃУСЕБНИ ДУЕЛИ

24.11.2009 Барселона - Интер 2:0

16.09.2009 Интер - Барселона 0:0

26.02.2003 Интер - Барселона 0:0

18.02.2003 Барселона - Интер 3:0

ОВА МОЖЕБИ НЕ СТЕ ГО ЗНАЕЛЕ

Фудбалерите на Интер постигнале најмалку голови (12) и собрале најмногу жолти картони (24) од сите полуфиналисти. Во офсајд биле уловени најмногу 43 пати.

Жулио Цезар, Хавиер Занети и Мајкон се единствените кои ги одиграле сите натпревари за Интер оваа сезона во ЛШ.

Фудбалерите на Барселона направиле најмалку прекршоци од сите полуфиналисти (126).

Лионел Меси упатил 25 удари кон голот, надминувајќи го Златан Ибрахимовиќ, кој досега го држеше првото место со 20 шутеви.

Португалскиот судија Олегарио Банкверенса никогаш досега не ја делел правдата на мечевите на кои играле Интер и Барселона.

Интер на домашен терен 17 пати се сретнал со шпански противници и притоа остварил осум победи, осум реми и еден пораз.

Барселона гостувала во Италија 14 пати и забележала пет победи, шест реми и три порази.

Екипата на Интер одиграла седум полуфинални натпревари досега во елитното европско натпреварување и во нив никогаш не загубил на Џузепе Меаца.

Тренерот на Интер, Жозе Мурињо, само еднаш успеа да го мине полуфиналето од Лигата на шампионите. Тоа го стори со Порто во 2004 кога ја елиминира Ла Коруња, а подоцна се закити и со пехарот. Но немаше среќа да го стори истото со Челзи двапати 2005 и 2007 година.

Интер има лош ефект во двомечевите против шпански екипи. Досега четири пати излегле како победници, а деветпати како "лузери". Последниот таков случај е во осминафиналето од ЛШ во сезоната 2006/07 против Валенсија.



Прочитајте: затвори
  • РЕПЕРТОАРИ
IDIVIDI Сервиси
IDIVIDI Речник
Powered by MagnumPRO
Download
Временска прогноза

Н/А

Нема
Битола
Н/А
Нема
Охрид
Н/А
Нема
Скопје
Виц на денот
Малата камила која мечтае да се омажи доаѓа во посредничка агенција. Подготвувајќи се да даде податоци, признава:
-Само, знаете, имам една физичка мана . . .
-Навистина? А...
webmail
IDIVIDI Радио
Македонски
Pop
Classical
Dance
Hip-Hop
Jazz
Rock
Ambient
Tehno&Trance
Состојба на патиштата
Веста се ажурира
Верски календар
На денешен ден
- Денеска е Светски ден на танцот
1429.- Жан д'Арк (Јованка Орлеанка) на чело на...
1628.- Шведска и Данска во Штраслунд склучија...
1769.- Роден е Артур Велингтон, англиски...