
Македонските кошаркари кои го освоија четвртото место на Европското првенство во Литванија претпладнево со чартер лет од Каунас пристигнаа во Скопје. На аеродромот „Александар Велики“ ги пречекаа голем број граѓани кои дојдоа организирано со дваесеттина двокатни автобуси, како и со сопствени возила.
По пречекот, кошаркарите, сместени во панорамски двокатен автобус специјално брендиран за нив, ќе го предводат конвојот од автобуси низ улиците на Скопје. Ќе застанат на два пункта, во 12:30 часот кај ТЦ „Бисер“, каде што ќе ги пречека градоначалникот на општина Аеродром Ивица Коневски и околу 13 часот кај НБРМ, при што граѓаните ќе можат да ги поздрават.
Централната прослава на големиот успех ќе биде во 13 часот и 30 минути на плоштадот „Македонија“ кај споменикот „Воин на коњ“, на која ќе и претходи симболично минување низ портата „Македонија“.
Кошаркарите први ќе ги поздрават младинските кошаркарски тимови од целата држава. Граѓаните ќе можат да ги фотографираат и поздрават пред фонтаната на плоштадот. Потоа ќе следи едночасовна програма, со обраќање на кошаркарите, настапи на пеачи од македонската естрада и изведби на навивачките химни и песни, презентација на извадоци од најдобрите спортски моменти на репрезентацијата...
Прославата треба да заврши во 14 часот и 30 минути.