
Ден по објавувањето прекинување на соработката со Заечар и објавувањето на крајот на кариерата, македонската репрезентативка Наталија Тодоровска ја отфрли и можноста да ја доигра сезоната во Македонија.
Објективно, единствен клуб кој можеше да и понуди некаква и парична и играчка сатисфакција е Металург Скопје, но Тодоровска вели дека е крај.
"Не, не би играла во ниту еден клуб во Македонија повеќе. Имаше моменти сезонава кога и мене и на Партенко ни беше тешко, кога Подравка влезе во криза и ние останавме без ангажман. Тогаш, ниту еден македонски клуб не се понуди, не ни излезе во пресрет, па не знам зошто сега нешто би се менувало. Сега јас не сакам. Доста е, ова е крај. Веќе немам ни инспирација, ниту мотивација за да продолжувам", вели Тодоровска. Недостигот од амбиција беше и главната причина за крајот на кариерата.
"Навистина веќе немав мотиви да одам натаму. Заечар е нов тим, сега зема залет. Се прават силни тренинзи, се работи напорно, што е добро за помлади играчи. Мене ми е тоа одамна минато. Јас сум искусен играч, имам минато многу и во многу поквалитетни и попрофесионални клубови и не можев да се адаптирам на тоа што таму го работат. Веќе ми е видено и минато многупати, а знам дека и со квалитет сум далеку над тоа. Резултатски исто немав императив. Лигата е многу слаба, не се игра во Лига на шампиони, а Челенџ е многу слаб куп, многу послаб отколку што бил порано. Севкупно веќе ништо не ми одговараше во Заечар. Тоа е мало место, нема многу што да се прави, некако почна да ми станува се премногу депресивно и немав веќе сили да останам таму", вели Тодоровска.
Крај со клупската значи и крај со репрезентативната кариера.
"Па да, нема никаква смисла да се смета на мене за во репрезентација, а да не тренирам активно. Дефинитивно е крај, доста беше ракомет за мене", изјави Тодоровска.
Со ова дефинитивно е ставена точка на една голема кариера, до официјалниот крај и простување и со репрезентативниот ракомет останува веројатно уште само една формална церемонија, која РФМ би требало да ја организира во првата згодна можност.