Репрезентацијата на Македонија денеска ќе го одигра првиот натпревар од турнирот "Бринг Куп" во организација на федерацијата на Норвешка. Противник е домашната селекција, а мечот ќе се игра во Лангхус.
Норвешкиот селектор го собра својот најсилен состав (ова се однесува за играчите во поле, послабата страна му се голманите со оглед на тоа дека Стајнар Еге реши да паузира, најмалку до ЕП, а може и целосно да се повлече од играње во репрезентацијата, додека Оле Еревик има проблем со рамето и го пропушта турнирот. Така два релативно нови голмани ќе има во норвешкиот тим на овој меч. Тоа се Магнус Дал кој е интернационалец во францускиот Париз, и Свен Медус, голман на Арендал.
Одбраната на нашиот тим, главно играчи од Метлаург, одновно ќе има шанса да се "види" со Ерленд Мамелунд, Кент Тонесен и Еинар Ригелут Корен, триото со кое водеше и ја доби битката во Тел Авив, за пласман во Лигата на шампионите. Но, сега, споменатото трио ќе добие голема помош од далеку попознатите бекови како Кристијан Кјелинг, Бјарте Мирхол и посебно за нас непријатното лево крило Хавард Тведен.
Одбраната ќе им биде "зацементирана" со Кристофер Рамбо, повратникот Бјарте Мирхол и играчот кој Кил долго време го чуваше за специјални дефанзивни операции - Борге Лунд.
Македонија без Миркуловски, другиот дел од репрезентацијата е над 90 насто од составот кој очекуваме да го видиме и во Ниш во прелиминарната рунда од Европското првенство. Норвежаните имаат на хартија посилен состав, посебно имајќи предвид колку Металург се мачеше со Хаслум во квалификациите. Штета што не сме комплетни за да видиме каков би бил во таква ситуацијата односот на силите.
Ги имаме Лазарови и Мојсоски во составот, има репрезентацијата одлична сезона зад себе... сега треба да видиме што се сменило од јуни до сега.
Сменето е доста, играчите сменија клубови, минаа пет месеци од последниот заеднички настап.
Одбраната не би требало да биде проблем за нашиот тим, тука е познатата дефанзивна зона од Металург, плус Влатко Митков, Бранко Ангеловски и веројатно во делници од мечот Милорад Кукоски. Ќе фали Аце Јоноски, кој почна да се вклопува во одбраната на Металург и да добива минутажа, посебно кога се игра против шутери од дистанца какви што се Норвежаните. Но, селекторот Шундовски не го повика.
Македонија одбра за неделата на ЕХФ да замине на далечно патување, далеку ќе биде и од очите на домашната јавност, со оглед на тоа дека не е предвиден директен тв пренос, а ниту еден новинар од Македонија не отиде со тимот, па така многу веројатно е дека нема да имаме целосна слика за тоа што прави и како игра репрезентацијата.
Овие подготовки, односно одењето во Норвешка не беше во планот на Шундовски, но по инсистирање на РФМ репрезентацијата замина за Осло. Вистинските подготовки почнуваат на 20 декември, а ќе опфатат и физички подготовки кои ќе се изведуваат на Златибор. Планирани се четири до шест контролни натпревари, работата е што уште не се знае со кого би играле, а РФМ е во потрага по спаринг партнери кои треба да исполнат услов да не се од групата во која играме или со која вкрстуваме.
Составот кој ќе биде одреден за настап на првенството ќе биде дополнително соопштен. Актуелниот селектор уште за овој собир се соочи со многу (главно издржани) критики околу селекцијата на играчи, тешката задача допрва му претстои, а одговорноста како се ближи ЕП станува се поголема.