
Македонскиот ракометен шампион Металург вечерва во „Спортскиот центар Борис Трајковски“ во Скопје пред околу 7.000 гледачи го победи Загреб со 19:18.
Овој беше прв дуел од осминафиналниот дуел во Лигата на шампионите на овие две екипи. Натпреварот беше неизвесен со акцент на играта во одбраната.
Првото полувреме им припадна на гостите со девет:седум, кои во неколку наврати имаа и три голови предност, но македонскиот шампион се врати резултатски во второто полувреме мотивиран од одбраните на голманот Дарко Станиќ и големата поддршка од трибините.
Жарко Марковиќ со седум постигнати голови беше најдобар играч на натпреварот.
Неговиот соиграч Наум Мојсоски постигна пет голови, а на голот Станиќ забележа 12 одбрани. За загрепчани Мануел Штрлек со пет голови беше играчот со најголем ефект во нападот, а на голот Марин Шего имаше 10 одбранети удари.
Реванш натпреварот се игра на 24 март во Загреб. Металург и Загреб вечерва по вторпат играа во Лигата на шампионите. Во сезоната 2006/07 Загреб постигна две победи 32:24 (во Загреб) и 22:18 (во Скопје).