
7 – гола е потребната разлика со која треба да победи Вардар во реваншот за да обезбеди пласман во четвртфиналето од ЛШ
26 – е бројката под која „црвено-црниот“ тим треба да ја задржи Висла Плоцк за да може да се избори за опстанок во најсилното европско клупско натпреварување
2 – втора сезона во низа вардарци ќе се обидат да влезат меѓу најдобрите осум во Европа. Висла по третпат има таква можност, но ниту еднаш досега не се нашла во тоа друштво
Комплетниот настап на македонскиот вицепрвак Вардар во Лигата на шампионите сезонава се сведува на денешните 60 минути против Висла Плоцк во реваншот од осминафиналната фаза во најсилното европско клупско натпреварување. Вардарци, вечерва, 20:15 часот ќе ја имаат и поддршката од преполната арена „Јане Сандански“ во обидот втора година во низа да се најдат во четвртфиналето од ЛШ. Сепак, комплициран е патот на тимот на Раул Гонзалез до најдобрите осум во Европа, пред сè поради бледото издание во второто полувреме од првиот меч пред една седмица, кој донесе и негатива од шест гола.
Досега Вардар се нема најдено во ваква ситуација, да брка толку висока негатива во една елиминациска фаза. „Црвено-црните“ момци многупати покажале дека знаат да бидат најдобри, кога е најтешко, а сега уште еднаш стојат пред таков момент на одлука, каде целата сезона се сведува на еден меч, на сè или ништо.
„Сигурно дека не очекувавме со толку голема разлика да се вратиме од Плоцк, но на крај и добро е што излезе вака. Денеска мислам дека ќе биде поинаку, затоа што верувам во моите соиграчи и во тоа што Вардар знае и може.
Висла има одличен тим и одличен стручњак и вистина имавме големи проблеми со нивната одбрана во првиот меч, но мислам дека во Скопје, која зона и да ја постават нема да имаме проблем да ја пробиеме. Вардар секогаш кога било најтешко бил најдобар, па верувам дека и сега ќе биде така“ – вели плејмејкерот Игор Карачиќ.